Скопје пред прогласување на епидемија - Големата кашлица „коси“ низ градот

По 18 потврдени случаи на голема кашлица, Комисијата за заразни болести препорача прогласување епидемија во Скопје. Во изминатите денови бројот расте, особено на територија на град Скопје, каде се потврдени 14 случаи.

Се предлага вакциналните пунктови да работат во две смени, а дополнително да се работи и во сабота. Препорака е и да се забрани прием на невакцинирани деца за пертусис во градинките. Комисијата очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е заштита на најмалите.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски вчера на прес-конференција рече дека прогласувањето на епидемија звучи малку страшно, но, дека реално треба да се олесни справувањето со ризикот што доаѓа со оваа болест.

– Во таа насока моментално го подготвуваме, односно очекуваме да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини, рече Петличковски. Во државата, како што додаде, е незадоволително нивото со опфатот на вакцинација против оваа болест. Меѓу заразените, има и вакцинирани лица.

Како што појасни Петличковски, постои опаѓање на имунитетот после 10 години во просек, така што, разгледани се и сите опции за освежување на имунитетот кај критично болните и лицата над 65-годишна возраст.

– Меѓутоа, ова се сега првични наши препораки затоа што, во моментот сме навистина во добра состојба, споредено со регионот. Имаме 18 случаи и нема смртни исходи, заклучи Петличковски. Сите 18 случаи во земјава, како што посочи, се засебни и токму тоа е причина да се прогласи епидемија на територија на град Скопје, за да не се дозволи да се појават кластери.

– Прогласувањето на епидемија ќе ни даде можности многу полесно да ја ублажиме ситуацијата, еве веќе гледаме дека дневно имаме два нови случаја пријавено, се засилува. До каде ќе оди, не знаеме. Ова е вистинското време да преземеме некои конкретни чекори, дециден беше Петличковски.

Кај четиригодишниот пациент, кој е вакциниран со голема кашлица, а е хоспитализиран на Детската клиника, како што појасни Петличковски, се работи за состојба која индицира примена на имуносупресивна терапија.

– Имуносупресивната терапија дава простор и луѓе, деца кои се вакцинирани да имаат можност да бидат заразени, меѓутоа, секако дека кај него инфекцијата ќе помине полесно, отколку ако не бил имунизиран. А и самата вакцинација има ефикасност меѓу 80 и 90 проценти, значи шанса секогаш има инфекцијата да најде простор и во релативно добро покриена средина со популација со вакцини да избувне и во некакви поголеми, рече Петличковски. И во Србија, како што посочи, од околу 700 лица со потврдена инфекција на голема кашлица, дури 64 отсто биле вакцинирани.

Пертусис, познат како голема кашлица, е многу заразна респираторна инфекција предизвикана од бактеријата Bordetella pertussis.

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање.

Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група. Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Пневмонија е прилично честа компликација, а напади и болест на мозокот се случуваат, но поретко.

Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето.

Во однос на големата кашлица, попозната во јавноста како магарешка кашлица, најмногу заболуваат бебиња до една година и деца и млади од 10 до 20 години, но не е исклучено да заболат и возрасни.

Како што апелираа повеќе стручни лица изминатиов период, вакцинацијата е најбезбедната, најсигурната и најефикасната заштита од магарешка кашлица и од сите други болести за кои постојат вакцини.