Синоќешното невреме на Балканот однесе неколку човечки животи

Девојче (12) и маж (74) се повредени денеска во Нови Сад во невремето што по Словенија и Хрватска ја зафати и Србија.

Девојчето кое било удрено од дрво е згрижено на лице место, и е во стабилна и свесна состојба, а по укажаната помош е пренесено на одделот за детска хирургија при Заводот за здравствена заштита во Нови Сад.

Седумдесет и четиригодишен маж паднал од скутерот од невремето. На лице место му била укажана помош и е пренесен во хируршкото одделение на ургентниот центар на клиничкиот центар на Војводина, изјави за „Н1“ портпаролот на итната помош,  Зоран Круљ.

Ветрот однел покрив од училиште, а на повеќе локации откорнати се дрвја. Граѓаните пријавуваат материјална штета. Во некои делови од градот немало вода и струја. 

Невремето ги опустоши и северните делови на Босна во средата вечерта, при што загина најмалку едно лице, а неколку се повредени, соопштија полицијата и службите за цивилна заштита. 

Според достапните информации, од струен удар во Брчко починала 54-годишна жена. Како што пишува „Дневни аваз“, таа била пронајдена во дворот од куќата во која престојувала. Полицијата за ова добила информација од итната помош, а се претпоставува дека оваа трагедија е поврзана со невремето.

Уште најмалку осум лица се повредени во подрачјето на Бјелина, а силниот ветер и дожд предизвикале штети и во областа Босански Шамац, Добој, Брчко и Босански Брод.

Пожарникарите мораа да интервенираат поради обилните врнежи од дожд и многубројните дрвја кои беа однесени на коловозите од силниот ветер.

Од невремето има настрадани и во Загреб. Вчера околу 16 часот загинаа двајца мажи, а неколку лица се повредени, објавија властите. Двајцата мажи загинале како последица од паѓање на дрва. Имале повеќе повреди на главата.