Грција погодена од силно невреме, осум точки се критични

Грчките региони Магнезија и Споради ги зафати невремето Даниел, а први проблеми се забележани во Волос, во селата во Пелион и на периферијата на Тесалија.

Во Волос сообраќајот е во прекин на обиколницата, возилата се заглавени во близина на стадионот „Пантесаликос“, а противпожарните служби се обидуваат да ги ослободат возачите. Во голема неволја е и болницата во Волос бидејќи во ординацијата со машини влегла вода.

Карактеристично за ситуацијата е видеото што на „Фејсбук“ го објави градоначалникот на Волос, Ахил Беос, кој возачите што ги среќаваше на поплавените улици во Волос ги прашуваше каде одат.

„Каде одите? Ова што се случува е лудост. Сме кажале 100 пати. Апелирам до сите да не излегуваат од дома. Каде одите луѓе, каде? Погледнете до каде е водата. Не слушаш, каде одите сите? Од вчера ви кажуваме, реките ќе се излеат. Одете во своите домови“, порача Беос на „Фејсбук“, а пренесува „Прототема“.

Во пелионската област многу села се без струја, паднаа дрвја, а надлежните апелираат до граѓаните да не ги напуштаат своите домови доколку не е потребно.

Ноќта помеѓу понеделникот и вторникот беше проследена со силно невреме и со удари на гром, а во раните утрински часови силен ветер ги погоди општината Агија и брегот на Лариса поради што многу села во околината останаа без струја.

Поплави го погодија и Скијатос. Според градоначалникот на островот, Тодорис Цума, некои патишта се поплавени и апелира до граѓаните да не излегуваат од куќите, освен ако тоа не е итно, а поднел и барање за прогласување вонредна состојба во таа општина.

Метеоролозите најавуваат дека денеска обилни врнежи и невреме ќе има во Епир, на Јонските Острови, Пелопонез, Тесалија и на Евија.