Шилегов: Скопје не може и не смее да биде жртва на магистралниот вод

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција во Владата, порача дека Скопје не може да ја спречува гасификацијата на останатите градови во Македонија. 

Скопје не може и не смее да биде жртва на овој процес. Заради тоа, во фазата на разговори и преговори со Владата на Република Македонија, јас како градоначалник обезбедив главниот град да добие:

- 43 милиони денари за повторно пошумување на Водно со средства обезбедени од МЕР, како директна законска компензација за уништеното зеленило;

- Пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора со средства обезбедени од Владата на РМ, со што директно се влијае на спречување на поплави како оние во Стајковци и околината;

- Владина поддршка за проектите за зелени коридори по должината на реките Лепенец и Серава;

- 1 милион евра за градско зеленило обезбедени со пренамена на средства од Министерството за животна средина и просторно планирање;

- Носење на закони за заштита на парк-шумата „Водно“ и на Матка во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање;

- Приклучување на пет големи згради на јавни институции на гасификациската/топлификациската мрежа на градот и нивно елиминирање од листата на загадувачи.