„Пивтијада“ утре во Автокоманда, ќе има музика и гастрономски специјалитети

Утре на плоштадот Автокоманда во Гази Баба ќе се одржи традиционалната манифестација “Пивтијада 2024”, како дел од прославата на големиот христијански празник Богојавление - Водици.

Манифестацијата има културен, натпреварувачки и хуманитарен карактер.

Во рамки на културниот дел на манифестацијата ќе настапат естрадните уметници Јордан Митев, Бојана Скендеровски, Огнен Здравковски и Даниела Темелковска. Во рамки на натпреварувачкиот карактер на манифестацијата граѓаните ќе имаат можност да се натпреваруваат со најубаво украсена пивтија. Комисија од општината ќе изврши избор на три најубаво украсени пивтии и истите ќе бидат наградени, информираат од локалната самоуправа на Гази Баба. 

Во хуманитарниот дел од манифестацијата секој граѓанин преку купување на пивтија ќе има можност да донира, по што собраните средства ќе се донираат во хуманитарни цели.

Од локалната самоуправа упатија покана до сите граѓани за учество. Настанот е со почеток во 13 часот.