Пет искрени совети за младите кои сакаат да успеат во Македонија

Животот во мала земја, за жал, на младите им нуди ограничени можности за работа, развој, напредок и успех. Мотивацијата, желбата, истрајноста и упорноста се клучни делови од сложувалката на секој млад човек, во онаа фаза од развојот на неговата личност, кои се решавачки да гради успешна кариера и да живее среќен живот. Честопати, младите во Македонија за да го остварат својот сон, треба да следат неколку важни, никаде непишани, правила, кои случајно или не, секојдневно се испреплетуваат во секојневниот живот.

Како млад човек, кој зад себе има долгогодишно работно искуство и на некој начин веќе изградена кариера, не би сакал јавно да говорам за себе и да се наметнувам, туку, од сè срце сакам да го споделам моето животно искуство со сите млади луѓе и со неколку кратки совети да им помогнам да си го остварат и да го одсонуваат својот сон.

1. Најди нешто што сакаш и дозволи му да те убие

Ова е една позната изрека на Чарлс Буковски. Но, не само многу позната, туку и многу точна. Тајната на успехот кај секој човек лежи во неговото срце. Секоја работа која ја работите од срце и со многу љубов, работа на која максимално се посветувате и се трудите да го дадете најдоброто од себе, на крајот вродува со плод и со успех, а тоа за вас значи исполнетост, среќа и голема сатисфакција. Но, најважно од сè, е ова правило да не ви е важно само за работата. На прво место е вашиот живот и работите кои како составен дел од него најмногу ги сакате и сакате да ги правите: да спортувате, да се занимавате со хоби кое ве смирува и ве исполнува, да се дружите со луѓе кои имаат иста енергија со вашата, луѓе со кои се надополнувате и поддржувате, семејството итн... Обидете се на обврските да им се предадете со сета своја љубов и со сето свое срце, верувајте дека ќе бидете среќни од резултатите кои ќе ги постигнете.

2. Луѓето секако ќе зборуваат, но не се опседувај со нивното мислење

Без разлика што правиш или пак како се однесуваш, луѓето секако ќе зборуваат. Навистина е тешко да ги направите сите околу вас среќни. Во животот треба да разберете и да запомните едно најголемо правило: многу е поважно вие да бидете среќни, отколку сите други околу вас. Без да имате дилема или грижа, во животот секогаш правете го она што ве прави среќни, не е важно дали другите мислат дека тоа е добро или лошо за вас. Со секојдневните обиди да живеете по желбите на другите, ќе постигнете само едно: другите ќе ги направите среќни, но вие ќе бидете најнесреќната личност на светот. Од друга страна, патот по кој одите во животот е само ваш и вие сте одговорни за чекорите кои ги чекорите.

3.Твојот успех зависи од тебе и само од тебе

Една од најважните работи за личен развој, напредок и успех е да разбереме дека сопствениот живот зависи само од себе и од никој друг. Тоа е првиот чекор кон професионално созревање и еден од клучните фактори за среќа. Ниту најдобриот пријател, ниту агенцијата за вработување, а ниту сопствената татковина нема никаква обврска да се грижи за нас. Оставајќи ја својата иднина во рацете на други луѓе, ризикуваме никогаш да не ги оствариме своите соништа. Зграпчете ја шансата која ви се пружа! Искористете го моментот и тоа што тој ви го нуди бидејќи животот е еден, враќање во минатото нема, а сегашноста е таа која ни ја отвора вратата за поубава иднина. Живеј, исполнувај и сонувај истовремено. Твоите соништа и желби се само твои и само ти си одговорен за нивна трансформација во реалност.

4. Животот е понекогаш суров, мора да го прифатиш тоа

Животот е тежок и мора да го прифатите тоа. Но, има две важни правила: првото е дека се што е лесно не е интересно, а второто и уште поважно правило е дека Господ секогаш ги дава најтешките битки на своите најсилни војници. Верувајте во тоа дека секоја битка од вас прави посилен човек, кој од таа борба ќе излезе со многу повеќе знаење и искуство. Битките се патот до успехот и без нив не можеш никогаш да стигнеш до него. И кога зборувам за битка, тука мислам: борба со околината, средина, општеството, семејството, пријателите и битка со самиот себе. Оваа последната е најтешка и најважна. Во неа се гради силна индивидуа која е спремна да чекори моќно во животот. Биди силен и не се предавај!

5. Верувај во себе и во тоа што го правиш

Вербата во себе е половина пат до успехот. Ова не важи само за работата и кариерата, туку општо за сè што правиме во животот. Обидете се само еден ден посамоуверено и посигурно да ги завршите своите обврски и веднаш ќе почувстувате промена во животот–сè ќе биде полесно и поедноставно! Вербата е поврзана со љубовта. Обврските кои ги започнуваме со многу љубов и многу силна верба ги завршуваме многу успешно. Кога зборувам за верба, не мислам само за вербата во себе и на вербата во системот, во опшеството, соработниците... туку и на силната верба во тоа што сакаме да го постигнеме и оствариме. Вербата создава силни работници кои создаваат дела што долго се паметат.

На крајот: Патот по кој чекориме до успехот кој сите го посакуваме и за кој сите сонуваме е тежок, понекогаш каллив и трнлив, со препреки и преизвици кои ќе се обидат да нè запрат во намерата до крај да го изодиме и правилно да го трасираме, но во ниту во еден момент не смееме да помислиме дека може да се откажеме.

Бидете силни, чекорете самоуверено по својот пат. Никогаш не престанувајте да сонувате. Затоа што човекот кој сонува е личноста која има визија за својата иднина. Ви посакувам многу среќа!