Откриени причините за двојното убиство на Рузвелтова

Нерасчистени должничко-доверителски односи и меѓусебни закани меѓу довчерашни ортаци во нелегални бизниси се можна причина за класичната ликвидација во петокот ноќта во центарот на Скопје, сметаат запознаени извори, пренесе Вечер.

Првата жртва што почина во синоќешната гангсетрска бркотница со автомобили престрелка на „Рузвелтова" е Наим Ајети, кој е брат на познат скопски криминалец Џелал Ајети – Џељо, кој беше, исто така, ликвидиран изрешетан во својата чајџилница во населбата Ченто пред пет години.

Според соговорниците сега убиениот Наим Ајети го наследил својот брат на чело на криминална група, којашто се нарекувала „Беланоча" и продолжил со криминалите за кои претходно бил гонет и осомничен неговиот брат.

Еден од можните мотиви според сомневањата на лица запознаени со функционирањето на скопското подземје, е можеби пресметка за превласт во подземјето меѓу неколку криминални групации.

Меѓутоа, постојат и мислења дека станува збор за нарачана ликвидација на Наим Ајети, од негов поранешен ортак во „бизнисот" кој му должел 75.000 евра, кои сега убиениот ги барал со закани по животот на должникот, на што исто така му било возвраќано со смртни закани.