Оставете се себеси на мир!

Оставете се себеси на мир. Ова ми доаѓа да им го дошепнам на многумина, за конечно да престанат да се масираат себеси, да си бараат мани, да се споредуваат со другите, да расчистат со минатото, да престанат да трчаат за иднината, да се јадат за направените грешки, да очекуваат совршенство од себеси. И притоа не живеат. Воопшто не живеат. 

Оставете ги вашите деца на мир. Престанете да мислите дека баш вие точно знаете што им е потребно за среќа. Престанете да живеете за нив, дури и ако ги имате најдобрите намери. Престанете да ги дресирате да скокаат на вашите заповеди и да ги учите само на послушност. Престанете да им поставувате непремостливи препреки, со кои ќе ги оттргнете од добрата навика  да размислуваат со своја глава. Престанете да ги оптоварувате со сопствените амбиции, обидувајќи се да надоместите за сопствените неуспеси. Престанете да мислите дека секогаш мораат да ги исполнуваат вашите очекувања. 

Оставете ги своите најсакани на мир. Тие едноставно ве сакаат. И вие сакајте ги нив. Не им ги наметнувајте своите мисли и карактеристики кои не ги поседуваат. Не ги оптоварувајте со своите желби. Не ги превоспитувајте. Не барајте бескрајни докази дека ве сакаат. Не ги понижувајте со контрола и патолошка љубомора. Не ги лишувајте од правото да бидат свои и да имаат личен простор. Не се претворајте во нивни господари. Не ги мачите со критики и преголеми побарувања.

Оставете го цел свет на мир и станете дел од него, не очекувајќи да имате посебно значење во него. Само воодушевувајте му се на светот. Гледајте си ја својата работа. Само направете го она што можете да го направите. Прифатете го текот на животот. Конечно почнете да живеете.  

Не, пријатели, ова не се совети. Ова се само забелешки и заклучоци од набљудување. Повеќегодишно. Погледнете кои се најголемите причини за несреќа. Пред сѐ тоа е хроничната неспособност да ги оставите работите на мир, вклучувајќи се тука и себеси. Обидете се да се смирите!