Општина Центар е највело-скопска општина за 2023

Општина Центар ја понесе титулата највело-општината во Скопје и околината за 2023 – признание што првпат годинава го воведува здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи заедно со групата ентузијасти, со цел подобро велосипедско Скопје, „На точак“.

Бодирањето на општините, како што известија, се изврши врз база на критериум (методологија) развиен во рамките на проектот „Граѓанските организации во акција за климатските промени“.
Притоа беа земени многубројни карактеристики и активности, кои општините ги сработиле за велосипедистите во периодот 2021-2023, а информациите беа побарани по пат на барање информации од јавен карактер. Покрај тоа, беше спроведена и јавна анкета наменета за граѓаните, велат надлежните.

Методологијата, како што појаснуваат ги следи европските и светските стандарди, но e приспособена за локалното подрачје.

„Општините што не доставија информации добија 0 бода. Од вкупно 17 општини, четири општини на доставија одговори.

Сепак, иако жири-комисијата едногласно одлучи Општина Центар да биде прогласена за победничка, таа освои вкупно 49 бода од можни 100. Ова покажува дека и покрај тоа што Општината најмногу се залага за овозможување услови за граѓаните, останува уште многу простор за подобрување.

Наградата од јавноста ја доби Општина Аеродром со освоени најмногу поени на јавната онлајн-анкета пополнета од повеќе од 1.000 граѓани.

Наградата за рурална општина со најголем исчекор ја освои Општина Илинден. Оваа општина покажа значителен и најголем напредок за разлика од другите рурални општини инвестирајќи во нова велосипедска инфраструктура – вело-патеки и паркинзи“, се истакнува во соопштението.

Покрај овие три, жири-комисијата одлучила да додели уште две награди – за најповрзувачка општина и општина со најголем потенцијал.

Особено признание од комисијата добила Општина Гази Баба за остварување велосипедска рекреативна инфраструктура по должината на Вардар, која воедно служи за поврзување со општините Аеродром, Центар и Карпош.

Општина Петровец, пак, го понесе признанието за општина со најголем потенцијал поради покажаниот интерес да инвестира во велосипедската инфраструктура преку изведбата на првата вело-патека во општината, која го поврзува Скопскиот Регион со светот.

Ова признание треба да послужи како дополнително мотивирање на руралните општини за развој во насока на пријателска вело-атмосфера и охрабрување да продолжат со поврзување на вело-инфраструктура во своите граници и меѓуопштински.

„Би сакале да нагласиме дека целта на овие награди е општините преку позитивен пример да ги зголемат заложбите за подобрување на велосипедската инфраструктура, а со тоа и за климатска акција. Се надеваме дека изборот ќе продолжи и во иднина, па дури и да се претвори во традиција“, вели Мери Бакалова-Стојанова од здружението на граѓани Центар за одржливи иницијативи.

Јавната онлајн-анкета покажала дека граѓаните најчесто го користат велосипедот како превозно средство за движење во општините Центар, Карпош и Аеродром.

Оценувајќи ја велосипедската инфраструктура, речиси половина од испитаниците (48,2 %) изјавиле дека немало никакви нови инвестиции во последната една и пол година.

„Една третина од испитаниците (37,4 %) исто така изјавија дека нивната општина не презема ништо за безбедноста на велосипедистите. Повеќето од граѓаните што ги споделија своите мислења со нас велат дека не се чувствуваат безбедно да возат велосипеди со детско седиште или деца да возат сами нагласувајќи дека може да биде особено ризично“, посочи Дарко Арсовски од „На точак“.

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ја поздрави иницијативата и најави нови проекти за унапредување на вело-инфраструктурата во рамките на општината.

Воедно, соопшти дека преку општинскиот Совет е донесена и одлука за поставување задолжителен паркинг-простор во секој нов изграден проект во општина Центар.

Еден од главните заклучоци на јавната анкета е и дека граѓаните не се задоволни од бројот на јавно достапни паркинзи за велосипеди, а и оние што ги има, во најголем дел ги сметаат за нефункционални.

Поради ова, Општина Центар како највело-општина за 2023 доби вело-паркинг изведен по универзален дизајн.

На сите победнички општини им беа врачени статуетки, рачно изработени од волонтери креативци во столарска едукативна работилница.