Од наредниот викенд во Охрид официјално започнува туристичката сезона

Традиционално, македонскиот туристички центар Охрид во шпицот на главната туристичка сезона влегува со последната декада на јуни. Подобрувањето на времето оди во прилог на очекувањата дека претстојниот викенд Охрид ќе биде преполн со странски и домашни посетители.

Иако, сезоната, официјално беше отворена уште на 2 мај, со првиот сезонски чартер лет на авиокомпанијата Корендон, кога на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле” пристигнаа 180 туристи од Амстердам,  зенитот се очекува околу 10 јули и е поврзан со отворањето на престижната културна манифестација – меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето”.

Во претсезоната и во досегашниот тек од главната туристичка сезона печат на посетеноста на Охрид, но и на соседна Струга, ѝ даваат гостите од  Западна Европа и особено од Турција, кои беа доминантни. Тие доаѓаат во Охрид, организирано, преку Балканската тура која завршува во Сараево, но и директно  на аеродромот „Св.Апостол Павле”.

Втора сезона Охрид е назаобиколна дестинација и за Балканските тури на туристите од далеку источните земји, како Кина, Јужна Кореја и Јапонија, кои почнуваат во Белград, а ја вклучуваат  Македонија и Албанија.

Колку за илустрација, минатата 2016 година ТАВ Македонија ја заврши со 1,8 милиони патници на двата македонски аеродроми и 15 процентно зголемување на годишно ниво, додека бројот на летови беше 16.883, што е  пораст од 8,9 посто.

Од оваа година Охрид е специјална дестинација и вистинско откритие за полските туристи. На паркиралиштата се сè побројни автобусите со полски регистерски таблички, а веќе од  четврток, 22 јуни, на охридскиот аеродром ќе слета првиот чартер лет од Катовице, на најголемиот полски тур-оператор „Рего – бис“.

За нив се подготвува специјален дочек. Најавено е да  слетаат во 10.15 часот, а ќе бидат пречекани од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, генералниот директор на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој, амбасадорот на Република Полска во Македонија, Јацек Мултановски и директорката на „Рего – бис“, Габриела Манка Сокулу.