Највисоката кула во Скопје ќе има ротирачки ресторан (ФОТО)

До крајот на годината телекомуникациската кула на врвот на Водно ќе се изгради до височина од 72 метра, а до крајот на изградбата, што се очекува да биде ноември 2018 година, кулата ќе ја достигне крајната височина од 155 метри и ќе биде највисокиот објект од овој вид во Македонија.

Изградбата на објектот, кој официјално се вика Антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции на територија на Република Македонија, се одвива непрекинато и во согласност со проектната документација и динамиката на работа доставена од изведувачот „Гранит“.

Објектот е од армирано бетонско јадро со висина од 112 метри, во кое се сместени вертикалните комуникации, скалите и двата лифта. На висина од 57,76 метри е поставена конзолна платформа со површина од 200 квадрати, на која треба да се поставува телекомуникациската опрема. Следните две платформи се на височина од 66,88 и 76 метри. Последната платформа ќе биде изградена на височина од 85,12 метри, од која последните 2 метра од површината се предвидени да ротираат околу оската на јадрото.

Објектот ќе има и придружни содржини во приземјето: помошни простории, електроблок за непрекинато напојување, резервоари за техничка вода, како и простор за контрола и мониторинг на објектот. Над приземните содржини ќе има голема тераса.

Kамен-темелникот на телекомуникациската кула беше поставен на 10 октомври 2013 година.Вакви објекти, постојат во повеќе градови во Западна и Централна Европа и во нашето соседство како, на пример, Софија, Белград, Загреб, Подгорица и други.