Најсложен и најкомплексен објект во Скопје: Футуристички дизајн и ротирачки ресторан

Објектот Антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции, е еден од најсложените и најкомплексните градежни објекти кои во моментов се изведуваат во Р. Македонија.

Објектот, што се изведува на врвот на планината Водно во Скопје, е со вкупна висината од 155 метри (37 нивоа) и во конструктивна смисла се состои од повеќе функционално-естетски целини. Сложеноста на објектот и екстремните услови во кои се изведува, а секако и условите во кои треба да се експлоатира, наметнаа потреба во фазата на проектирање и фазата на изведба да се направат повеќе испитувања на експериментални модели кои треба да ја потврдат стабилноста и карактеристиките на конструкцијата.

Идејата е во објектот да се изгради ротирачки ресторан како и административни простории за Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и за Министерството за внатрешни работи (МВР).

Антенскиот систем се гради на врвот на Водно како најпогодна локација што ќе придонесе за подобро покривање на дел од територијата каде има најголема концентрација на емитери.

Во него ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи... Со тоа, истакнуваат од АЕК, ќе се намалат можностите од појава на разни пречки и интерференции.

Намерата на АЕК е во иднина врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.