Футуристичка кула со ротирачки ресторан се гради на Водно

До крајот на годината телекомуникациската кула на врвот на Водно ќе се изгради до височина од 72 метра, а до крајот на изградбата, што се очекува да биде ноември 2018 година, кулата ќе ја достигне крајната височина од 155 метри и ќе биде највисокиот објект од овој вид во Македонија.

Градежните работи досега се одвиваат според предвиденото темпо, во моментов се работи на централното армирано-бетонско јадро кое ќе ја носи телекомуникациската опрема, сервисните простории, скали, лифтови и сите останата инсталации предвидени во објектот.

Кулата ќе биде во сопственост на Агенцијата за електронски комуникации. Од таму информираат дека според планот досега изградбата е на речиси 27% од предвиденото. Засега се дефинирани надворешните делови од челичната конструкција, за потоа да следува монтирање на платформите. Истите ќе почнат со производство наредниот месец.

Веќе спроведени се тестирањата во однос на влијанието на ветерот, како и испитувања за статиката на објектот во случај на земјотреси. ИЗИИС има спроведено тестирања според сите стандарди и на моделот на објектот, но и на самите челични конструкции кои веќе се наоѓаат на врвот на Водно. 

Објектот е од армирано бетонско јадро со висина од 112 метри, во кое се сместени вертикалните комуникации, скалите и двата лифта. На висина од 57,76 метри е поставена конзолна платформа со површина од 200 квадрати, на која треба да се поставува телекомуникациската опрема. Следните две платформи се на височина од 66,88 и 76 метри. Последната платформа ќе биде изградена на височина од 85,12 метри, од која последните 2 метра од површината се предвидени да ротираат околу оската на јадрото.

Со своите 155 метри, телекомуникациската кула ќе биде највисокиот објект во Македонија, а нејзината намена ќе биде контрола и мониторинг врз радиофреквенциите на територијата на целата република.