Наградени најталентираните ученици од општина Центар – ќе добиваат месечна стипендија

Талентираните ученици од основните училишта во општина Центар добија месечни стипендии. 14 од нив ќе добиваат по 2.000 денари, а еден ученик 2.500 денари месечно.

Најубаво уредените училници во одделенска настава и по предметна настава како награда добија ЛЦД проектор, како и најактивните училишта на фејсбук-страницата на Одделението за образование. Шест сооодветни подароци за ученици и две награди за училишта учесници во проектот „И ние децата сме учесници во сообраќајот“. Два велосипеди добија училиштата по пат на ждрепка.

Признанијата на најдобрите и најталентираните кои се во рамки на одбележувањето на Денот на општината им ги додели градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ. Пред присутните ученици, наставници, родители, колеги градоначалници и вработени во општинската администрација вети дека децата се и ќе бидат врвен приоритет и ќе имаат најдобри услови за престој, забава и образование.

„Општина Центар точно утре полни 41 година. Пред нас се многу предизвици за чие исполнување ќе бидат потребни посветеност и енергија. Центарци ја имаат таа енергија, водени пред сè од љубовта кон општината. Се разбира најголемата одговорност ја имаме јас како градоначалник и мојот тим. Ние во предизборниот период дадовме ветувања и цврсто стоиме зад нив. Центар беше Ел Дорадо за урбанистичко дивеење. Ќе го средиме хаосот во Центар од секој аспект. Ќе ги ослободиме тротоарите, ќе направиме сèшто е во наша моќ да се намали загадувањето“, рече Богдановиќ.

Градоначалникот ги покани присутните заедно утре во дворот на општината на прослава на 41. роденден на општината.