Уметници од Струга нудат награда за најмногу собрани отпушоци од јавните површини

Уметниците Лида Шерафатманд и Милко Нестороски отворија месечен конкурс за собирање отпушоци од цигари од јавни површини, а наградата за првите двајца што ќе соберат најмногу е изработка на портрет.

Наградата ќе се доделува месечно во наредните 12 месеци, а целта е зачувување на природата и животната средина. 

-Секој месец во наредната година ќе се избираат двајца победници кои собрале најмногу догорчиња од цигари на јавните површини. Победниците ќе имаат можност да добијат бесплатен монохроматски портрет од која било личност по нивен избор, најави меѓународната уметница Лида Шерафатманд која живее во Струга.

Преку нејзиниот Фејсбук профил, Шерафатманд појасни дека за учество во наградата игра, заинтересираните граѓани треба да собираат догорчиња од цигари од јавните површини во пластично шише. Потоа, пред 26-тиот ден од месецот треба да ги однесат во ателјето на Флоресенцизмот, кое се наоѓа на вториот кат на градскито пазар во Струга.