Интервју со тимот интервентни радиолози во „8-ми Септември“: Што е интервентна радиологија и кога таа се користи?

Интервентната Радиологија во ГОБ „8-ми Септември“ во чекор со модерните светски и здравствени стандарди. 

Интервентната радиологија е дел од Радиологијата која ги користи сите имиџинг методи и медиуми за изведување на минимално инвазивни процедури и постапки. На ваков начин, единствено и првпат се изведуваат сложени неинвазивни операции на заболувања. На оваа тема која сè уште е малку позната помеѓу пациентите разговараме со Д-р Димитар Велјановски – неврорадиолог, Д-р Филип Ристески – специјалист  радиолог и Асс. Д-р Андреа Нанчева  –  интервентен радиолог. Тие се дел од тимот на Градската општа болница „8-ми Септември“ која во последните неколку години се издигна во редот на модерни болници и претставува една од водечките во државното здравство, како според бројот на процедури и бројот на пациенти. 

Нешто за кое многу се зборува, а јавноста можеби малку знае. Што всушност претставува интервентната радиологија?

Интервентната радиологија е дел од Радиологијата. Таа ги користи сите имиџинг методи, (ултразвук, компјутерска томографија, класична ангиографија и други), како медиуми и водич за изведување на минимално инвазивни процедури - постапки. Иднината на медицинската дијагностика, но и терапија, е токму во овие, таканаречени минимално инвазивни процедури. Тие се изведуваат со мала инцизија – низ  мал отвор на кожата. Со тоа се намалува ризикот за компликации, се намалува престојот на пациентот во болница и трошокот за нивното лекување.

При овие постапки, локално се аплицира анестетик, па така, нема потреба за генерална – општа анестезија. Процедурите се изведуваат брзо и ефикасно,  пациентите веќе истиот, или следниот ден се враќаат на секојдневните обврски и нормално живеење.

Како започна приказната за ИР во болницата 8-ми септември?

Нашата болница во последните неколку години се издигна во редот на модерни болници и претставува една од водечките во државното здравство, како според бројот на процедури и бројот на пациенти, така и по повеќе иновативни техники кои започнаа за прв пат да се изведуваат токму тука. 

Приказната за ИР (Интервентна радиологија), започнува во 2015 година. Тогаш започнавме да работиме на ова поле заедно со колегата Александар Ѓорески. Секој почеток е тежок; беше тешко да се изгради еден посебен оддел, беше тешко да се промовираат тие процедури. Но, со макотрпна работа и со успешноста на тие интервентно-дијагностички и терапевтски постапки, резултатот како да стигна сам по себе. Во почетокот повеќе се работеа васкуларни процедури – периферни ангиографски процедури. Притоа, се третираа стеснувањата или комплетните оклузии (затнувања) на крвните садови на нозете и крвните садови на вратот. Вакви промени се многу чести кај дијабетичарите и пушачите, како и кај оние со високо ниво на масти и холестерол во крвта. Тие најчесто се решаваа со класичните технологии на ширење со балони и аплицирање стентови. Но, не се застана тука, се продолжи со најсовремените технологии во кои се користат нови материјали кои се обложени со лек Paclitaxel, кој има пролонгирано (продолжено) делување на крвниот сад и така, спречува негово повторно стеснување.

Сама по себе се појави потребата за проширување на знаењата и стекнување на нови искуства. Неколку години од почетокот, водени и обучувани од врвни експерти од регионот,  Србија, Хрватска, Италија и Грција, започнавме со еден нов сегмент во нашата дејност – ИНТЕРВЕНТНА ОНКОЛОГИЈА. Со право се очекува оваа дисциплина во иднина многу да се развива. Инвестирањето во неа е големо, бидејќи, за жал, бележиме постојан пораст на пациенти со малигни болести и кај нас и во светот.

Дел од постапките во интервентната онкологија се базираат на аплицирање (давање) на цитостатик, лек кој е измешан со ситни партикли кои го доставуваат директно во крвниот сад што го храни туморот.  Ова обично се прави кај тумори кај кои постои артерија која оди директно во туморот (артерија хранител-ка). На  овој начин, начелно се третираат примарните тумори на црниот дроб (како хепатоцелуларниот карцином, но истотака и некои секундарни депозити во црн дроб, кои се богато снабдени со крв . Со оваа таканарачена локорегионална терапија, лекот се дава локално, но, во исто време и се затвора крвниот сад кој директно го храни туморот. Второто резултира со побрза некроза – изумирање на малигниот тумор или метастазата.

Скоро идентична по однос на изведувањето, но суштински друга техника е емболизација. Со неа може да се решаваат многу болести:  воспалително-дегенеративни промени,  крварења итн.  Со еден збор: сите состојби чија патологија има како основа голем нутритивен крвен сад или пак новонастаната васкуларизација (ирегуларно крвоснабдување). Во светот веќе се прават бројни процедури на емболизација на простатичната артерија кај бенигна хиперплазија на простата (БПХ);  потоа емболизација на големи миоми на матка; при  дегенеративни промени на големите зглобови (колено, рамо). Овде веќе станува збор за  емболизации на новоформираната микроваскулатурата, малите крвни садови кои настанале поради воспалението.

Кои се други процедури кои ги опфаќа Интервентната Онкологија?

Дел од оваа дисциплина претставува и процедурата АБЛАЦИЈА. Тоа, всушност е „горење“ на болното ткиво на  висока температура. Како метода во најголем дел се користи за неинвазивно уништување на туморите во човечкото тело. 

Почетоците на аблација датираат во раните 90-ти од минатиот век. Во почетокот како радиофрекфентна, а потоа многу брзо се развива микробрановата аблација која зема голем замав. Се користи за третман на многу патологии, сама или во комбинација со емболизација (например кај туморите на црниот дроб).

Кои пациенти ги третирате со оваа метода?

Кај нас пациентите се испратени од Клиниката за Онкологија со која имаме голема соработка. Оваа клиника го дава првиот и најважниот дел од третманот на овие пациенти. Најчесто тоа се пациенти со метастази во црниот дроб или белодробието. Се селектираат пациенти со мал број на метастази со големина до, или помали од 3 см., за кои е докажано дека методата е успешна.  Поголемите промени се третираат со комбинирана терапија.

Како се изведува оваа процедура?

Најголемата предност од оваа процедура е тоа што е минимално инвазивна. Се користи долга игла – антена,  која што во органот се внесува едноставно – со  обично боцкање, исто како при биопсија, со претходна локална анестезија. Пласирањето односно позицирањето на антената се прави прецизно, водено и  поддржано со помош на ултразвук или компјутерска томографија. Ова, од друга страна, укажува на фактот дека тоа е метода која што може да ја работат само радиолози. Процедурата трае околу 20 тина минути до пола час, а престојот во болница е краток, најчесто до 2 дена.

Кои други процедури се работат на вашето одделение за интервентна радиологија?

Кај многу пациенти кои се на онколошка терапија пласираме венски портови преку кои потоа  им се дава терапијата многу поедноставно. Со тоа, тие се поштедени од секојдневна или честа пункција на вена за редовно примање на терапија. Овој порт може да служи и за земање на крв за различни анализи. Дел од нашата секојдневна активност се и трансторакални биопсии, биопсии на црн дроб и на други органи. Тука се и неуролизи, дренажи на абсцеси, билијарни дренажи, нефростоми и друго.

Уште една од минимално- инвазивните техники која се изведува во нашата болница и единствена во јавното здравство е  перирадикуларната терапија – ПРТ. Тоа е третман на хронична болка во рбетот предизвикана од дегенеративни болести кои се најчести во лумбалниот сегмент на рбетот. Перирадикуларната терапија е постапка при која со помош на тенка игла се доаѓа во близина на нервните корени во 'рбетот,  па тука се аплицира медикамент/и (најчесто аналгетик и кортикостероид ). За максимална прецизност, точност и минумум на компликации, процедурата се следи со апаратот за компјутеризирана томографија. Терапијата значи намалување или комплетно изчезнување на  степенот на болка во долниот дел на грбот и во пределот на крстот, и намалување на тегобите од радикулопатија за краток или долг временски период. Оваа интервенција веќе успешно се изведува од 2017 година. До денес се извршени над 1500 интервенции во одделот за Интерветна радиологија. 

Кои се причините за долногрбна болка и кои состојби се третираат со ПРТ?

Долногрбна болка како симптом, многу често е проследена – придружена со болка во долните екстремитети (радикулопатија). Причините се мултифакторни: најчесто болката се поврзува со компресивен ефект од дискус хернија или како резултат на дегенеративни промени на 'рбетот: остеофити (шилци) по пршлените, хипертрофија (зголемување на обемот) на лигаментите, хипертрофија на малите зглобови кои пак често резултираат со стеснување на каналот.

Дали освен оваа процедура, се прават и други за третманот на долнограбната болка?

Една од процедурите  која ја воведуваме и претставува надоградба на постоечката ПРТ е ПЕРКУТАНА ОЗОНСКА НУКЛЕОЛИЗА. Тоа е минимална инвазивна техника која се изведува под  мониторинг на апаратот за КТ или во ангио сала (сала за интервенции на и преку крвните садови).

Методата се состои од инјектирање на озон во  интервертебралниот диск со што се очекува редукција на интрадискалниот притисок и намалување на обемот на дискусот. Со тоа следи и намалување на компресивниоот ефект на нервот, што консекутивно резултира со намалување на болката. Озонот има назначаен антиинфламаторен, имуномодулаторен, аналгетски и регенеративен ефект. Ваквите ефекти на озонот, го неутрализираат хемискиот ефект кој е предизвикан од компресивното влијание на дискалните хернијации. Озонската процедура најчесто продолжува со ПРТ. Веќе е кажано дека со таа метода се аплицира анестетик и кортикостериод перирадикуларно, непосредно до нервниот корен. Дејството на овие медикаменти се надоврзувана на дејството на озонот  и  со тоа се потенцира аналгетскиот и антиинфламаторниот ефект.

Главната цел на минимално инвазивните интервенции како ПРТ и озонска терапија е намалување на степенот на болка. Тие, во комбинација со физикалната терапија, медикаментoзниот третман со аналгетици и антиинфламаторни лекови,  како и  индивидуални протоколи за рехабилитација, доведуват до максимален и долготраен ефект. Се очекува голем дел од овие пациенти да ИЗБЕГНАТ класична хируршка интервенција. Методата веќе претставува значително намалување на постоперативните компликации и на сите финансиски оптеретувања вклучени при оперативен третман.

Кои се вашите идни планови како тим на интервентни радиолози?

Сè поголем е бројот на пациенти со нодули/нодуси на тиреоидната жлезда, кои прават некакви симптоми или нарушување на здравјето. Планирано е за неколку месеци  да започнеме со нова метода со која овие промени се горат – тиреоидна аблација. Методата е краткотрајна и пациентот уште истиот ден се отпушта од болница. Ова е многу актуелна метода насекаде во Европа и на Блискиот исток.

Планирано е да заживее уште една интервенција. Тоа е мускулоскелетната аблација на тумори на коските и на меките ткива.

Третманот на проширени вени со радиофреквентна аблација во моментов е стопиран, но и тој ке продолжи да се работи во иднина и да се прошири неговиот дијапазон за што е потребна и нова опрема.

Воведувањето и етаблирањето на нови минимално инвазивни неваскуларни методи во здравствениот систем на С.Р.Македонија би значело голем бенефит за пациентите, но и напредок и зацврстување на здравствениот систем како еден од најважните платформи во општественото живеење.

Интервентната радиологија ќе стане сè поприсутна и ќе го користи својот широк опсег на методи и процедури во корист на пациентите. Резултатите од нашата работа се повеќе го наоѓаат патот до светските упатства и водичи за лекување, што значи дека сè поголем број на колеги ќе го усвојуваат новото знаење.

Накратко: интервентната радиологија има светла иднина. Моја лична желба е да, колегите и креаторите на политики останат со отворен ум, бидејќи нашиот здравствен систем мора да биде доволно флексибилен за да интегрира нови методи, кои всушност се иднината на светската медицина, а, се во корист за пациентите и на здравствениот систем.