Ќе се гради подземна улица oд Влада до Комплекс банки

По речиси две години откако проектот за подземна улица oд Влада до Комплекс банки беше ставен во мирување, Град Скопје планира да преземе активности за негова конечна теренска реализација. Во буџетот за 2017 година е предвидена ставка од речиси 250.000 евра со намена за „Подземна сообраќајница Влада - Комплекс банки“.

„Ги разгледуваме сите можни опции. Се анализира дали можеби има потреба од менување или дополнување на проектот, дали е потребна каква било корекција и слично. Се размислува и се разгледуваат опциите околу финансиите. Факт е дека идејата за улицата повторно е актуелна. Сакам да истакнам дека Градот никогаш не се откажа од овој проект, туку го ставивме на стенд бај, со оглед на големите разлики од планираниот буџет за таа намена и висината за негова реализација што беше побарана од потенцијалните изведувачи“, рече градоначалникот Коце Трајановски, на презентацијата на нацрт-буџетот за идната година.

Сегашниот проект предвидува подземниот коридор да се протега од мостот „Гоце Делчев“ до Народна банка. Вкупната должина на трасата изнесува околу 1.300 метри, од кои 900 се под земја, а 400 метри над земја. За изведба на улицата беа распишани два огласа. Првиот беше неуспешен, исто како и вториот, кој беше поништен поради големата разлика во бараните цени за изведба и финансиската моќ на Градот за покривање на проектот.