Интервју со професорката Рунчева Тасев: Кај мене „Северна“, како вештачки создадено и наметнато, не може да создаде природен порив за употреба

Во пресрет на двојните избори во земјава и одлуката на граѓаните за својата иднина, на теми околу изборите, но и општо за состојбата во земјава разговараме со професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Христина Рунчева Тасев. 

Таа има и поголемо и поблиско искуство со една од кандидатите на претстојните претседателски избори, поточно со професорката Гордана Силјановска Давкова. За ова, но и за она што ги дефинира и креира полтичките контури во земјава од кои зависи квалитетот на секој еден поединец, од искрениот разговор со професорката Рунчева Тасев. 

Кои се вашите очекувања во пресрет на двојните избори во земјава? Ќе добие ли Македонија за прв пат жена претседател?

Овие избори се од исклучително значење на иднината на Македонија. Веќе подолго време сме сведоци на маргинализација на функцијата претседател на Републиката, и целосно непостоење на кочници и рамнотежа на законодавната, извршната и судската власт. Македонија се наоѓа пред многу значајни избори и заслужува да добие за прв пат жена претседател која ќе има критички пристап кон извршната власт и ќе го врати достоинството и угледот на функцијата претседател на Македонија.

Професорката Гордана Силјановска Давкова ја познавате лично. Првин, како професорка додека студиравте на Правниот факултет во Скопје, подоцна и како ваша менторка при подготовката на вашиот докторат. Што може да ни кажете во однос на вашето искуство со неа? Каква е како педагог, како политичар, а каква приватно? Дали нејзината возраст би била предност или бариера при извршувањето на функцијата доколку победи?

Професорката Гордана Силјановска Давкова е пред сѐ една од најинспиративните професорки која ја поттикна желбата кај мене да изградам академска кариера. Правдољубива, вредна, посветена, темелно и со љубов им пристапува на сите предизвици. Кога требаше да донесам одлука кој ќе биде ментор на мојот докторски труд, немав сомнеж дека тоа ќе биде професорката Силјановска заради тоа што има високи критериуми, а при тоа е постојано достапна за консултации со студентите и конструктивни сугестии за сработеното. Таков профил на човек е потребен да застане на чело на државата: извонреден познавач на правото, а воедно и голем критичар на сите недоследности. Знам дека критиките ќе резултираат со многу конструктивни предлози од професорката во интерес на граѓаните. Сигурна сум дека нема да дозволи да продолжат многуте неправедни одлуки на штета на националните и државни интереси на земјава, пракса која трае последниве години. Приватно, професорката е жена, мајка, сопруга и грижата кон земјата верувам дека ќе биде заснована на она посебно развиено чувство за грижа кон семејството кое ние жените го поседуваме. Нејзината возраст за мене значи искуство и знаење, па според тоа претставува и предност за извршување на оваа највисока државна функција. За осуда се сите манифестации на мизогинија и дискриминација во поглед на возраста во повеќе наврати за време на кампањата, што укажува на незрелиот демократски капацитет, немањето политичка култура и солидарност помеѓу жените политичарки кај нас.

Токму во ваш домен е прашањето за уставните измени за внесувањето на Бугарите во Уставот. Како експерт, сметате ли дека дека е потребно тоа да случи? Дали премногу отстапки се направени на патот кон ЕУ?

Сметам дека преголема е цената која веќе како држава ја плативме на патот кон ЕУ. Обезличувањето на државата, задирање во суверенитетот, губењето на достоинството на граѓаните, придружени со низа погубни политики веќе нѐ однесоа кон нови условувања од Бугарија уште пред реално да започнат преговорите со Унијата. Дури и кога би го исполниле барањето на Бугарија за нивен внес во Уставот, не постојат гаранции дека со тоа ќе се затвори листата на барања и уцени од источниот сосед. Проблемот со евроинтеграциите не може да се гледа само низ призма на промена на Уставот. За нас е најбитно да се справиме со сите проблематични точки во нашиот систем, особено со криминалот и корупцијата, да се спроведат сериозни реформи дома, па дури потоа да се посветиме на преговорите со Унијата.

Несомнено, големо е незадоволството кај македонските граѓани од состојбата во земјава, па така како најповолно решение го избираат заминувањето надвор од тука. Иако темава е опширана – Каде првенствено го лоцирате проблемот, и дали и како би можело да се спречи „одливот на мозоци и работна сила“?

Поразителни се најновите статистички податоци за падот на бројот на ученици во основните и средните училишта кај нас, при што се затворени дури 14 училишта за една година. Ова укажува дека за неколку години ќе се соочиме и со драстичен пад на бројот на студенти на универзитетите и пад на работна сила на пазарот на труд. Не постои еден виновник за овие бројки и „одливот на мозоци и работна сила“. Голем број млади заминуваат и покрај тоа што дел од нив остваруваат добри финансиски приходи само заради нефункционалноста на институциите, високата корупција, партизираноста. Лошите политики во сите сегменти на општественото живеење носат лош квалитет на живот. Неопходни се итни реформи во сферата на образованието, здравството, социјалните права, економијата за да може да се создаде подобра основа за идните генерации да сакаат да останат и да се вложат себе си во земјава.

Дали Вие лично го користите новото име „Северна“ во предавањата на факултет, во комуникацијата со студентите...

Сеуште не гледам рационална причина за да ја употребам придавката при комуникација во земјава со било кој субјект. Вештачки создадено и наметнато, не може да создаде природен порив за употреба ни кај мене, па ни кај моите деца.