Интервју со Невена и Калина: Преку „Дарко Биберко“ сакаме да допреме до сите дечиња, и да дадеме можност да научат преку музика

Разговаравме со Невена и Калина, две фантастични сестри кои живеат, работат и творат од најмакедонскиот град во САД, Чикаго. На прв поглед според името на пошироката јавност не им се познати ,но кога би го спомнале youtube каналот „Дарко Биберко“ сигурно ќе ги препознаете.

Речиси и да не постои родител во Македонија кој барем еднаш не го пуштил Дарко Биберко на своето дете затоа и се одлучивме токму нивната приказна да ја споделиме со вас.

Невена и Калина ни раскажаа за нивните почетоци, за тоа од каде им дошла идејата да го создадат Дарко Биберко, ни раскажаа за нивната љубов кон музиката и инспирација која ја добиваат подготвувајќи ги епизодите. Ни раскажаа и за тоа како ја промовираат Македонската музика преку нивните видеа, но и како преку содржина сакаат да допрат до сите дечиња, и да им дадат можност да научат преку музиката.

Кажете ми нешто повеќе за вас, кои се Невeнa и Калинa?

Ние сме Калина и Невена, сестри - родени сме во Македонија, а преселени во Чикаго на 12, односно 8 години. Калина пееше во хор уште од основно училиште во Македонија и продолжи  во средно училиште и на факултет во САД. Нејзината улога во проектот „Дарко Биберко“ е најмногу поврзана со дигиталниот маркетинг и одржување на  креативноста преку планирање и изведување на епизодите на „Дарко Биберко“. Вклучена е и во пишувањето и изведбата на песните. Невена, од тинејџерска возраст пишува музика. Се занимава со електронска модерна музика, а и македонска и романска народна музика. Невена дипломира во образование со концентрација на шпански, а подоцна дипломира и во композиција на колеџот за музика Беркли.

Музиката тече во нашите вени. Нашиот дедо свиреше во оркестарот „Кочо Петровски“ познат по оригиналните снимки на мелодии како Македонско девојче и Пајдушко оро. Дедо почина пред  да го запознаеме, но сакаме да го продолжиме неговото наследство.

Како дојдовте до идеја да го создадете Дарко Биберко?

Ликот Дарко Биберко, како и името за серијата, беа инспирирани од измислената приказна што ни ја раскажуваше нашата мајка за едно мало, но моќно момче кое може да постигне се што ќе науми. Забележавме дека македончињата во САД гледаа само содржини на англиски јазик, а нивните родители мечтаеја за нешто на македонски. Така решивме да ја напишеме „Колку банани“.

Не очекувавме Дарко Биберко да постане толку сакан и ценет од македонците во Македонија и надвор од неа. Тоа е и причината зошто го одржуваме серијалот толку години и покрај недостигот на средства.

Од каде ја црпите инспирацијата да создавате едукативна забавна програма за најмалите и какви се реакциите?

Дел од инспирацијата за епизодите доаѓа од нашето образувание во педагогија. Сакавме содржината на епизодите да е најмногу прилагодена кон  деца на возраст под 5 години и секоја епизода има образовна цел. Исто така, прифаќаме  сугестии од родителите на нашите гледачи. На пример, епизодата на која моментално работиме произлезе од препорака на родител на наш обожавател кој ни кажа дека на децата им е потребен некој да ги поттикне да ги мијат забите.

Ние сме горди македонки и се трудиме максимално да вклучиме аспекти на нашата култура во шоуто. Епизодата „Моето маче“ вклучува силен тапан и Невена навистина сакаше да го остави да блесне во инструменталот. На нашата илустраторка и падна на памет кикиритките од епизодата ‘Кикирики’ да танцуваат и во оро, што беше комично и забавно. Епизодата која што следи - „Седумте денови“ - има тапан, зурла и пеење во народен стил. Сакаме нашите епизоди да бидат екстра македонски! Ние сме дел од дијаспората, па секако дека ќе ја промовираме љубовта кон Македонија.

 

Вие се занимавате и со музика, кажете ни нешто повеќе околу тоа ?

И двете имаме бројни настапи уште од мали. Еден период, Невена беше опседната со романска музика и сама учеше романски јазик.  Одржувавме Јутуб канал под името „Балканче“ каде што пеевме романски поп песни . Ги паузиравме активностите со романска музика кога Македонија поминуваше низ промена со името. Музиката лечи, и така ја искористивме можноста да ги охрабриме македонците да ја држат главата горе. Во тој период, ги напишавме „Македонијо Земјо Најмила“, „Вардаре, Вардаре“ и „Але Але Македонија.“ Па можете да претпоставите,  проектот Дарко Биберко ни беше многу драг.

Невена ја пишува голем дел музиката и ја прави цела музичка продукција. „Колку банани“ ни е  најпопуларна, па се трудиме да вклучиме елементи од композицијата и концептот на оваа песна во повеќе епизоди. Исто така, проучуваме кои песни најмногу ги занимаваат  малите деца преку аналитиката на YouTube и се обидуваме да учиме и од тоа. Имајќи искуство во јазичното образование, се трудиме секоја епизода да има образовна цел.

Дали ќе ни ги откриете вашите планови во иднина, можеме ли да очекуваме и други проекти од Невена и Калина ?

Имаме 3 епизоди кои се во подготовка. Една од епизодите се фокусира на четкање на забите, другата на учење на деновите од неделата, а последната правење на супа и учење на имињата на зеленчуковите плодови со Тетка Калина.

Планираме да го прошириме каналот Дарко Биберко, да допреме до поширока публика и да им дадеме можност на уште повеќе деца да учат преку музика. Други планови има, но нека останат изненадување.