Интервју со Марина Димовска: Вклученоста на жените во политичките процеси можe да придонесe за намалувањето на корупцијата, зголемување на отчетноста и квалитетот на демократијата

Марина Димовска е млада дама, која долг временски период е дел од политиката. Политиколог по професија, професионално вработена во собраниската служба на законодавниот дом и активен Член на Градскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Во денешното интервју разговараме на актуелни теми поврзани со професионалните обврски, политиката и политички активности. Зборуваме и за изборите кои престојат, приватниот живот и Скопје.

Долг временски период сте дел од стручните служби во собранието, на кратко кој се вашите достигнувања во оваа област?

Собранието како институција е мојата пасија, која што започна уште во студентските денови. Студиите ги завршив на Правниот факултет ,,Јустинијан Први”, отсек Политички студии, каде често како студенти имавме можност да го посетиме Собранието и одблизу да се запознаеме со неговата работа и функционирање. Мојата приказна во Собранието започна во 2009 година како практикант, а за неполна година станав дел од собраниската служба. Истата година ги завршив и магистерските студии на Економски науки, од областа Меѓународна економија, при УКИМ. Во следните 7 години, бев дел од Кабинетот на Генералниот секретар, па потоа моите работни задачи ги извршував во Секторот за седници, а во последните две години, во Комисијата за европски прашања и Комисијата за надворешна политика. Така да, во моето речиси 15-годишно работно искуство во Собранието, можам да кажам дека бев на повеќе различни позиции, кои ми овозможија да се стекнам со уште поголемо искуство и запознавање со работата и функционирањето на законодавниот дом. Во меѓувреме, учествував на меѓународни конференции, обуки и работилници во Европскиот парламент, во земјите од Европа и САД. Од првиот работен ден, мојата цел беше напорно да работам и целосно да се вложам и посветам на Собранието. Неколку години подоцна, во 2022 година, како резултат на посветеноста, произлезе и мојата стручната научна статија со наслов “Улогата на легитимитетот на пратениците во градењето на демократијата”. Денес сум уште повеќе мотивирана да продолжам со својата работа и да се стремам кон нови професионални достигнувања.

Градскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во изминатиот период има нов, млад и освежен тим, кој реализираше голем број активности. Кажете ни нешто околу ова.

Како член на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, со гордост можам да кажам дека составот на Градскиот комитет е тим од професионалци, луѓе со интегритет, посветени на работата, луѓе кои се истакнати во политичкиот и јавниот живот. Како тим секојдневно во Скопје се соочуваме со предизвици кои бараат посветеност и одговорност. Во оваа прилика, би сакала да споделам со Вас дека откако ја отворивме Канцеларијата на Градскиот комитет Скопје во срцето на градот, на ул.Македонија, го реализиравме проектот "Иницијативи за Скопје", со цел редовна комуникација со граѓаните и добивање на реална слика за нивните потреби и размислувања поврзани со желбите и визиите за иднината на градот. Преку овие средби, на кои присутни беа советниците од Советот на Град Скопје и советниците од општинските совети, градоначалниците и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но и членовите на Градскиот комитет на ВМРО- ДПМНЕ, ги остваривме ветувањата за непосреден и пријателски однос со сите граѓани на главниот град. Секогаш сме биле и секогаш ќе бидеме отворени за соработка со граѓаните од секоја општина и секое населено место во Градот Скопје, здруженија на граѓани, невладини организации и асоцијации, локални медиуми и новинари, претставници на различни општествено-целни групи и сите оние кои сакаат достоинствен живот за себе, за своето семејство и за градот во кој живеат, работат, создаваат и дишат со полни гради. Не би сакала да ги изоставам и неколкуте трибини и хуманитарни акции кои ги спроведовме во изминатиов период, а во моментот уште поинтензивно и поентузијастички се работи и на нови, свежи идеи за кои наскоро јавноста ќе биде официјално и подетално информирана. Вооедно, летово имавме бројни средби, со разни категории на граѓани, како и со здруженија на граѓани и фондации во Скопје, кои само ни го потврдија чувството на незадоволство од актуелната власт. За жал, и јас како жител на Скопје, го имам истото чувство дека генерално, состојбата во Градот Скопје со оваа власт, не се движи во вистинска насока и таа мора итно да се промени, доколку сакаме повторно да го вратиме препознатливиот сјај и дух на Скопје.

Колку политиката е „женска професија“ и колку во така „омразена“ професија има простор за жените?

Иако е стереотип, кај нас политиката и учеството во неа, сè уште се смета за “машка професија”, стереотип со кој што јас лично не се согласувам. Со активно учество на секој еден човек, со неговиот труд и со неговата упорност секој може да си го најде местото и позиционирање во рамките на политичкиот живот, а и генерално во македонското општество. Компетентноста, стручноста и резултатите треба да бидат водилка за рамноправно учество на секој поединец во сите сфери на политичкиот процес. Секако, потребно е жените активно да учествуваат во јавниот живот и носењето на одлуки. Вклученоста на жените во политичките процеси можат да придонесат за намалувањето на корупцијата во политичките институции, како и да придонесат во унапредувањето на животен стандард на сите граѓани. Рамноправното учество на жените во Владата и Советите, како на национално, така и на локално ниво, би било од клучно значење за подобрување на репрезентативната природа, отчетноста и квалитетот на демократијата. Во суштина, родовата инклузија е едeн од главните глобални предизвици како на меѓународната заедница, така и на Македонија. Сепак, лично сметам дека во Македонија улогата и присуството на жената во политиката, но и генерално во македонското општество, е на задоволително ниво, што секако не значи дека не може уште подобро и уште повеќе. 

Како млад човек кој е вклучен во политичките активности, како на централно така и на локално ниво, кој е вашиот став, во каква насока треба да се развива градот Скопје?

Мојот роден град, нашето Скопје е град со многувековна и богата традиција, град кој има турбулентна историја, град кој едноставно во себе има душа која не може со зборови да се опише, туку мора да се доживее и живее секојдневно. Нашето Скопје има една богата основа за унапредување, модернизирање и напредок, како на просторот, така и на квалитетот на животот на жителите на Скопје. Би рекла дека моментално Скопје се соочува со голем број на предизвици меѓу желбите и релните можности и затоа развојот на Градот треба да ја трансформира моменталната состојба, односно Скопје треба да ги пронајде и врати своите запоставени и подзаборавени вредности и истите да ги втемели во својот иден развој, со што на тој начин, со сигурност ќе го подобри квалитетот на секојдневниот живот на скопјани. Тоа првенствено подразбира, искрена желба и идеја за поубаво Скопје, поголема инклузија на претставници на граѓански организации, на студентите, на политичките подмладоци, како и активистите, со цел значително инволвирање во процесот на креирање на иновативни предлози за развојот на градот. Секако, потребни се и еколошки приоритети за подобрување на квалитетот на воздухот, како и заштита на урбаното и градско зеленило. Едноставно, Скопје мора да ги следи светските трендови и да се модернизира, но сепак и да ги зачувува своите традиционални и автентични вредности. За таа цел, во Канцеларијата на Градскиот комитет, скопјани секојдневно имаат можност да ги кажат своите предлози, идеи и размислувања, бидјеќи токму визијата на скопјани, ќе ја создаде светлата иднина на Скопје. Сите идеи и предлози од граѓаните внимателно се разгледуваат од нашите експертски тимови и оние за кои ќе оцениме дека се одржливи и реално остварливи ќе ги инкорпорираме во нашата предизборна програма.

Доколку со три зборови треба да го опишете Скопје, кој би биле тие?

Тешко прашање за да можам само со три зборови да го опишам моето, нашето Скопје... Како родена скопјанка, Скопје за мене е приказна која е многу повеќе од три збора, но еве би рекла, СПОМЕНИ, СОЛИДАРНОСТ И МЕТЕЖ.... не можам а да не ги споменам јапонски цреши и мирисот на липите во јуни.

Кафе и денска шема или пијачка и ноќен живот – кој е изборот на Марина Димовска?

Повеќе преферирам опуштена денска кафе шема со пријателите отколку ноќен живот. Сепак, во зависност од тоа што го имам на распоредот на обврски, максимално се трудам да посветам и одвојам време за мојот социјален живот, без разлика дали се работи за кафе и денска шема или пијачка и ноќен живот. Мене како личност, ме мотивираат луѓето кои ме опкружуваат. Велат човекот е побогат во животот доколку е опкружен со вистински пријатели и искрени разговори и токму затоа нивната поддршка ме движи напред пренесувајќи ми неизмерна позитивна енергија, која што уште повеќе ми дава сила и ме поттикнува и инспирира. Затоа велам дека кога човек е исполнет, среќен и опкружен со вистински луѓе во приватниот живот, не може а да не биде задоволен и успешен и во својата работа. Создавањето и одржувањето на баланс помеѓу личниот и професионалниот живот за мене е клучниот момент за успех на секое поле.      

Кои се вашите очекувања за периодот што следи, каква кампања очекувате и каков ќе биде исходот за ВМРО – ДПМНЕ? 

Во периодот што следи, централните теми секако ќе го заземат местото во предизборниот наратив. Очигледно е незадоволството кај граѓаните од функционирањето на системот кој нема решенија за основните потреби, кои се неопходни за функционирањето на една нормална и модерна европска држава. На престојните претседателски и парламентарни избори, се надевам дека граѓаните без поголеми проблеми ќе можат да го искористат своето уставно загарантирано право на глас, право преку кое што знам дека ќе го направат вистинскиот избор и ќе донесат вистинска одлука. Што се однесува до наративот, ВМРО-ДПМНЕ ќе води позитивна кампања, ќе понуди сериозна програма, исполнета со решенија за подобар животен стандард на граѓаните, затоа што граѓаните очекуваат позитивни и сериозни проекти за подобра и посигурна иднина. Околу исходот, на престојните претседателски и парламентарни избори, посакувам и очекувам огромна народна поддршка и голема победа за ВМРО-ДПМНЕ.