Интервју со Александра Филипова, програмски менаџер во Национален младински совет на Македонија: Половина од младите не бараат поддршка за своето ментално здравје поради страв или срам

Во денешното интервју разговараме со Александра Филипова, програмски менаџер во Националниот младински совет на Македонија. 

Александра е активно вклучена во активностите на Националниот младински совет од неговото основање, а од неодамна е посветена на процесот на промоција на Националната стратегија за ментално здравје. Со неа разговараме за истражувањата на оваа тема, како и активностите на НМСМ, како најголема чадор организација на младински организации. 

Што ни кажуваат податоците за менталното здравје на младите?

Во 2021 Филозофскиот факултет на УКИМ реализираше истражување за менталното здравје кај младите кое ни покажа фрапантни податоци. Според истражувањето, 64% од младите имаат предизвик со депресија, 55% имаат предизвик со стрес, 58% имаат предизвик со анксиозност, 56% имаат суицидални мисли, а 67%  имаат поголема потреба за нега и грижа за менталното здравје. Само 27% сметаат дека општеството ги перцепира позитивно. 50% од младите избегнуваат да побараат поддршка поради срам. Позитивен податок е што 50% од младите постојано се обраќаат на своите мајки за подршка за менталното здравје. Само 20% од младите добиваат поддршка повремено, додека 50% од нив поддршка никогаш не бараат од своите партнери. Скоро половина се чувствуваат дека нивните потреби за ментално здравје не се задоволени, а 46% веруваат дека нивните потреби се адресирани на многу ниско ниво. 66% од младите никогаш не се обратиле на школски советници за помош, додека најголема е финансиската пречка, односно 62% од младите поради тоа не може да си дозволат советување/психотерапија.

Овие податоци нè поттикнаа да продолжиме да работиме на оваа тема, меѓутоа фокусот го свртевме на ниво на креирање на соодветни политики наместо да продолжиме со директна поддршка на младите. Не дека директната поддршка не е важна, меѓутоа решавањето на овој проблем на политичко ниво ќе обезбеди структурна поддршка на сегашните и сите идни млади и ќе може вистински и суштински да се реши предизвикот. Ваквото решение нема да се фокусира на приоритетите на донаторите и средствата со кои ние располагаме, туку младите ќе имаат поддршка при грижата за своето ментално здравје институционално, на ниво на држава.  

При самата подготовка на стратегијата повторно се спроведе прашалник за млади и иако веќе беа поминати повеќе од две години, податоците воопшто не беа подобрени. Она што ни покажуваат податоците од тој прашалник е дека мајката е доминантната фигура на која 50% од младите многу често ѝ се обраќаат за поддршка, за разлика од таткото кој е на второ место, па дури потоа следуваат пријателите. Државните институции, многу ретко се перцепирани како место на кое младите се обраќаат за помош. Алармантно е дека само 4.8% од младите поминале онолку квалитетно време со своите родители колку што имале желба, додека 30% од младите воопшто не поминале квалитетно време со своите родители во текот на изминатиот месец. Најголемиот страв со кој се соочуваат 40% од младите е осаменоста, стравот од отфрлање (33%), изолација од пријателите (27%). Дополнително, еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат овие млади е поврзан со здравјето и немањето на соодветна здравствена заштита (26%). Предупредувачки индикатор е дека 15% од младите посакале да го напуштат местото каде што сега живеат од неколку причини како немање поддршка од родителите, изложеност на емоционално насилство, принудување на присилна работа и друго. Загрижувачки податок е дека кога се чувствуваат тажно или вознемирено, само половина од младите разговараат со некого за своите чувства, а 36% немаат со кого да разговараат. Дигитално насилство доживеале 37% од младите. Вкупно 22% од младите виделе или слушнале дека нивните врсници страдаат од дигитално насилство. Во рамките на искуствата што припаѓаат на кругот на пост-трауматски стресни реакции, гледаме дека половина од децата го доживеале барем во одреден момент:

  • тешкотии во концентрацијата (56%)
  • вознемиреност од споменот на стресен настан (51%)
  • емоционална чувствителност / плашливост (51)
  • наметнувачка содржина (49%)
  • избегнување непријатни спомени и чувства (44%).

Кое е твоето лично мислење, дали владее стигма околу менталното здравје? Колку младите се отворени да разговараат за тоа со своите родители и едукатори? Колку се отворени и искрени кон младинските организации?

Менталното здравје како тема за прв пат почнавме да го работиме во КОВИД 19 пандемијата, со поддршка на Британската амбасада. Започнавме со подготовка на прирачници за стрес, анксиозност и депресија, а пуштивме и повик за 100 учесници кои ќе добијат по 6 бесплатни сесии со психолог. Прирачниците се дефинитивно најчитаните содржини до сега кои НМСМ ги има произведено, додека во рок од 5 дена за бесплатните сесии се пријавија повеќе од 250 млади лица од целата земја. Ова ни даде знак дека стигмата помеѓу младите полека се надминува, интересот за оваа тема се зголемува а потребата во и пост пандемија за работа во оваа област е навистина важна. Тој период успеавме да покриеме повеќе од 800 индивидуални сесии со психолози за повеќе од 140 млади лица, додека за останатите пријавени организиравме групни сесии поделени по сродни области. 

Меѓутоа, на страна од интересот на младите, забележлива е институционалната и општествената поставеност која на моменти делува многу стигматизирачки. Во земјава постојат повеќе закони, стратегии и документи кои во својата содржина фокусот го ставаат на менталното здравје. Законот за ментално здравје е донесен во 2005 година, но неговата примена останува ограничена, односно главен фокус става на човековите права на лицата со ментални болести, нивна дијагноза и соодветен третман додека насочувањето кон грижа и нега, превенција од појава на сериозни состојби и ментална хигиена заостанува како приоритет. Исто така постои и Националната стратегија за унапредување на ментално здравје 2018-2025 година во која се нагласува потребата од напуштање на концептот на психијатриската болница како институција на социјална ексклузија, стигматизација и повредување на човековите права и премин кон една осмислена и планирана ментално-здравствена политика и стратегија која го акцентира планот за развој на систем на ментално здравје во заедницата. Стратегијата се фокусира на потребата од развој на систем за заштита на менталното здравје во заедницата, земајќи ги во предвид позитивните меѓународни и домашни искуства. Дополнително, се истакнува примена на други форми на третман, како што се индивидуална и групна психотерапија, работна терапија, рехабилитација и психосоцијална поддршка на поединецот и/или на целото семејство како и други форми, поттикнувајќи комбиниран пристап во менталното здравје. Во стратегијата исто така се нагласува потребата од редефинирање на системот на финансирање на психијатриските институции, со утврдување на нови дијагностички и терапевтски процедури. Водејќи се токму по овие примеси се креираше и Националната стратегија за ментално здравје кај млади, со цел да соодвествува на трендовите и модерните начини за работа во оваа област. 

Каде лежи најголемата одговорност за нарушеното ментално здравје на младите?

Имајќи на ум дека во нашата земја јавни институции кои нудат медицински-здравствени услуги за ментално здравје на деца и млади се: Завод за ментално здравје на деца и млади (амбулантско-диспанзерска служба на деца) во рамки на ЈЗУ Здравствен дом Скопје, Служба за ментално здравје на деца и млади во рамки на Клиничка болница во Битола и Оддел за детска и адолесцентна психијатрија при УК за Психијатрија Скопје (болнички третман на млади до 18год), евидентно е дека постоечките механизми со своите капацитети не може да одговорат на потребите и предизвиците кои младите ги имаат во оваа област од нивниот живот.  Покрај недоволните капацитети, важно е да се напомене дека и секоја возрасна група се соочува со различни предизвици во однос на менталното здравје, па оттаму заеднички документи и политики не може соодветно и специфично да одговорат на она што навистина е потребата на дадената група.

Меѓутоа одговорноста не може целосно да се префрли само кај институциите, туку таа лежи кај целото општество како еден екосистем кој всушност влијае на растот и развојот на младите уште од најрана возраст. Добиените податоци при подготовката на стратегијата укажуваат дека само 27% од младите сметаат дека општеството ги перцепира позитивно, речиси 50% не бараат поддршка или помош поради срам/страв, 67% никогаш не се обратиле кај својот училишен педагог/психолог, што е и очекуван податок ако земеме в предвид дека психолозите/педагозите се користат како закана доколку некој е немирен или не внимава на час, наместо како систем за поддршка, раст и развој. Дополнително, живееме во општество кое уште е стереотипно ориентирано, па и самите предрасуди и стереотипи влијаат на менталното здравје кај младите - високи очекувања од момчињата и девојчињата, прекор доколку не си цврст и ти треба поддршка, стигма од повозрасните за важноста на менталното здравје кое често го поврзуваат со психички болести поради незнаење, честото вербално и физичко насилство кое го сведочат и искусуваат на телевизија, во училиште, на улица. 

Неодамна беше усвоена Националната стратегија за ментално здравје. Што значи таа за младите луѓе и кои се напорите кои би произлегле од овој документ во пракса?

Стратегијата 2024-2026 посочува на потребата од двонасочниот пристап за вклучување на состојбата со младите во главните текови – во релевантните политики, програми, сектори, на национално и локално ниво, но во исто време посочува и на потребата од преземање на конкретна и фокусирана акција за зајакнување на нивното ментално здравје. За да се постигне тоа, неопходна е соработка и вмрежување, како и влијание сите клучни чинители на општествено ниво, партнери, соработници да се водат од истите стандарди, при што е неопходно да се користат сите можности за да се постигнат позитивни промени, вклучително и преку стратешките односи на државата со билатералните и мултилатералните партнери, како и владините развојни и дипломатски активности.
 

Како беа вклучени младите, а и вашата организација во креирањето и носењето на оваа стратегија? Колку сте задоволни од процесот? 

Национален младински совет на Македонија беше иницијаторот кој речиси повеќе од една година работеше на креирањето на Националната стратегија за ментално здравје кај млади. Во овој процес ни помогнаа и Regional cooperation council преку кои ангажиравме двајца експерти со чија поддршка се подготви стратегијата. Покрај вклучените експерти, во процесот на креирање на стратегијата вклучени беа и државните институции, нашите 55 организации членки кои заеднички усвоија документ со насоки за развојот на системот за грижа за ментално здравје кај младите, младите пратеници со кои заеднички организиравме јавна расправа при процесот на креирање. Откако се финализираше стратегијата, на заедничка иницијатива Министерството за труд и социјална политика ја поднесе стратегијата до Влада, по што се случи и официјалното усвојување. 

За изработка на Стратегијата беше користена комбинирана методологија која опфати преглед на документација и примарно квалитативно и квантитативно истражување, со анализа на примарни, но и на секундарни податоци.

За потребите на истражувањето поврзано со Стратегијата беше дизајниран стратифициран квотен примерок. За оваа цел, беа користени официјални податоци за процените на населението, објавени на веб-страницата на ДЗС. Големината на примерокот е пресметана според формула (при што маргиналната грешка е 3%, а нивото на доверба 95%). Од последниот изведен попис на населението и домаќинствата во РСМ во 2021 година[3] се дознава дека во државата живеат вкупно 1.836.713 граѓани. Од вкупното население, 21.5% се деца и адолесценти на возраст од 0-18 години. Дистрибуцијата според возрасни групи вклучува: 24.5% деца на предучилишна возраст (0-4 години), 27.7% деца на училишна возраст (5-9 години) и 47.8% деца на адолесцентна возраст (10-18 години). Бројот на домаќинства изнесува вкупно 598.632, додека просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3.06. Во примерокот на млади учествуваа 1851 младо лице на возраст од 15 до 29 години, од кои 56.3% од женски пол и 42.7% од машки пол, на просечна возраст од 23,12 години (М=23.12, SD=1.17). Според голем број на истражувања, оние лица со повисок степен на образование и лицата од женски пол се поподготвени да учествуваат во онлајн истражувања, па од тука е големата разлика во процентот помеѓу машки и женски учесници во истражувањето.

Дали би можеле да споделите успешни приказни од веќе имплементирани активности? 

Бидејќи самата стратегија се усвои во јануари 2024, односно пред помалку од еден месец, се уште е рано за споделување на успешни приказни за имплементирани активности. Она што веќе се работи е креирање на нова услуга во општина Бутел, односно Советувалиште за млади кое ќе работи двосменски и ќе биде бесплатно и отворено за сите млади лица. Најголемиот успех е што всушност инстуциите ја сфатија важноста на оваа тема и ги прифатија различните потребни кои ги имаат младите во однос на менталното здравје споредбено со останатите граѓани и усвоија конкретна стратегија наменета само за млади. 

Кои се следните чекори на Националниот младински совет на ова поле? 

Како НМСМ во наредниот период ќе застапуваме за усвојување и на акциски план со соодветен буџет за доследна имплементација на стратегијата. Секако ќе ја следиме и самата имлементација бидејќи идејата не е да имаме неколку зборови на хартија, туку да креираме систем за поддршка и грижа за ментално здравје кај младите. 

Како можеме да им помогнеме на младите да се чувствуваат подобро? Што може да направи секој од нас, како поединец и професионалец? Кои се препораките на Националниот младински совет?

Во однос на поддршката како индивидуалци треба сите да ја разбереме важноста на менталното здравје за правилниот раст и развој на индивидуата. Емоционалното здравје и добростојбата на индивидуата се рефлектираат врз образованието, семејството, партнерските односи, работата. Оттаму, наместо стигматизирачки однос, треба да понудиме грижа, разбирање и насочување кон услуги и сервиси кои работат во оваа област. Секој од нас треба да стимулира отворена комуникација и споделување на секојдневните предизвици/проблеми, без разлика колку тие субјективно делуваат како мали или неважни - важно е да се знае дека некому токму тие му предизвикуваат мака. Поддршката на личниот развој и надградување е секогаш добредојдена и е еден од начините како да обезбедиме младите да се чувствуваат подобро. Некогаш е важно и само да се ислуша, наместо да се наоѓа решение или да се оптеретува со информации. Важно е и да се обезбеди здрава средина на училиште, во семејството, на работното место, на јавните простори, но и да се обезбеди чувство на припадност и безнадежност дека државата не обезбедува доволно за младите, нема младински стандард, тешко се наоѓа квалитетно работно место, нема пристап до здрава животна средина и квалитетно здравство и други секојдневни грижи. Оттаму, индивидуалната поддршка не може да направи големи промени доколку нема и институционален систем за поддршка, па она што го предвидовме и преку стратегијата е: 

  • Министерство за образование: организација на сеопфатно образование за ментално здравје во училишните програми, покривајќи теми како што се емоционалната благосостојба, управувањето со стресот и однесувањето за барање помош, обезбедување можности за професионален развој за наставниците за разни аспекти за менталното здравје, рано идентификување на проблемите, подобрување на вештини за препознавање и решавање на ризици и симптоми на загрозено ментално здравје, и поддржувачки средини во училницата, воспоставување на одржлива соработка со професионалци за ментално здравје со цел креирање на регуларни советодавни системи и услуги, и сеопфатен пристап и соработка за млади на кои им е потребна дополнителна поддршка, промовирање позитивна училишна клима која дава приоритет на менталното здравје и благосостојба, вклучувајќи иницијативи против разни видови на насилство или малтретирање и програми за поддршка од врсници
  • Министерство за здравство: зголемување на ресурсите за услугите за ментално здравје на младите, вклучувајќи специјализирани центри за ментално здравје, програми за рана интервенција и поддршка во заедницата, редовна обука за здравствените работници, вклучително и давателите на примарна здравствена заштита, за идентификација, проценка и управување со проблемите со менталното здравје кај младите, усвојување и спроведување на регулативи за да се обезбеди квалитет и достапност на услугите за ментално здравје за младите луѓе, вклучувајќи ги и стандардите за приватност и доверливост, лидерство за креирање на систем на соработката помеѓу службите за ментално здравје, училиштата, социјалните служби и организациите во заедницата за да се создаде континуитет на грижа и да се насочат патиштата за заеднички пристап и акција. 
  • Министерство за труд и социјална политика: развој и имплементација на програми кои се однесуваат на потребите за ментално здравје на ранливите млади популации, како што се оние во згрижувачки семејства, групни домови, казнени институции за млади, или кои се соочуваат со егзистенционални проблеми и други социјални ризици, промоција на поддржувачки и инклузивни политики на работните места, вклучувајќи обука за социјални вештини, обука за свеста за менталното здравје за работодавците и програми за помош на вработените, креирање програми за обука за стручни и животни вештини кои ја поддржуваат транзицијата кон зрелоста и ги опремуваат младите луѓе со алатки за градење отпорност, креирање можности за флексибилни работни аранжмани, зајакнување на системите за социјална поддршка за младите луѓе, вклучувајќи финансиска помош, поддршка за домување и пристап до ресурсите на заедницата, младински организации.