Интервју со Александра Цветковска: Имаме само две градоначалнички и четири жени во Владата, борбата за женските права треба да е заедничка!

Во земјава има две жени градоналнички, а имаме 81 општина, и само 4 од 20 членови на Владата се жени. Напредок на полето на женските права има, но само таму кадешто има законски регулативи, па затоа треба уште да се работи.

- Оваа борба не е натпревар, оваа борба треба да е заедничка за сите, и жени и мажи, од сите политички партии, но и граѓански организации, институции, вели во интервјуто за Скопје Инфо програмската директорка на Националниот демократски институт Александра Цветковска.

За состојбата со правата на жените во политиката, за говорот на омрза кон нив, како и за насоките во кои се движи земјава во однос на положбата на жените разговараме со Александра Цветковска - жена пример дека со достоинствена „борба“ може и треба да се бориме за подобро утре! 

Предизборната кампања неофицијално е во тек. Веќе сведочиме и за вербални напади кон жените кои се дел од изборниот процес! Како ја оценувате оваа реторика? Основани ли се ваквите напади и родовата дискриминација конкретно кон професорките Силјановска Давкова и Ванковска?

Вредностите на организацијата во која работам, Националниот демократски институт, но и моите лични вредности велат дека говор на омраза, дискриминацијата и насилството врз жените никогаш не можат да бидат основани.

Впрочем во 2016 година, НДИ ја промовираше долгорочната #NotTheCost кампања чија премиса е дека насилството не смее да биде цена на учеството на жените во политиката. И лично стопроцентно се согласувам со ова.

Проценката на насилството врз жените во политичките партии која НДИ ја направи во 2020 година, која е првата и за сега единствената ваква проценка во Република Северна Македонија, покажува дека дури 65% од испитаничките биле жртви на говор на омраза, и насилство генерално, а дури 47% изјавиле дека веќе изгубиле или се блиску до целосно губење мотивација да бидат вклучени во политика. Ова се алармантни податоци, и затоа ќе кажам дека реториката која се слуша и чита деновиве има погубно влијание врз политичкото учество на жените, особено на идните генерации политичарки. Но верувајте, оваа реторика, говорот на омраза и насилството не се случуваат само за време и околу избори. Ова, за жал, е секојдневна појава.

За време на Локалните избори во 2021 година додека траеше нашата кампања „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политика’’ слушнавме тези дека во 2021 година имавме најмногу насилство врз жени во политиката, но политичарките со кои секојдневно работиме ни кажаа дека тоа не е точно. Насилство имало и претходно, но за време на изборната кампања во 2021 и токму кампањата ‘’Заокружи НЕ за насилство врз жени во политика’’ ги охрабрила гласно да зборуваат за насилството. Разговорот за некој проблем е првиот чекор кон решението за тој проблем. Токму поради тоа, и за време на претстојните изборни активности, ние повторно ќе ја актуелизираме кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политика“ со цел да се продолжи дискусијата и да се алармира на овој проблем со цел да се движиме кон конечно елиминирање на насилството врз жените во политиката.

Бројни се и нападите кон првата жена на Град Скопје, Данела Арсовска. Говор на омраза, навреди, клевети. Има ли механизми да се превенира и/или санкционира овој говор на социјалните мрежи?

За жал, социјалните мрежи се приказна сама за себе. Тие се навистина извор на говор на омраза. Секој се дрзнува да објави, да коментира, да навреди, и тоа овие навреди се најчесто упатени кон жени. Во овој момент немаме закони кои ги регулираат социјалните медиуми. Но, имаме сознанија дека се работи на усогласување на законодавството во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги со Директивата за медиумски услуги на Европската Унија од 2018 година. Колку што сум информирана, постои проект преку ТАЕКС (TAIEX) механизмот кој работи на менување на домашната регулатива.

Исто така би сакала да напоменам, дека не се проблем само социјалните мрежи, голем проблем се и интернетските портали, кои многу често си земаат за слобода да таргетираат една, или повеќе жени и да објавуваат содржини кои се навредливи, но и кои го уриваат кредибилитетот на тие жени. И за порталите за жал не постои соодветна регулатива. Но, она што радува е дека Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги и ОДИХР имаат подготвено Кодекс за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми чие што спроведување ќе го мониторира Координативно тело врз основа на претставки. Исто така тука би го спомнала и Советот за етика во медиумите на Македонија, но и Државната комисија за заштита од дискриминација. Сѐ почесто слушаме за позитивни разврски во однос на претставки поврзани со претставувањето на жените во медиумите или воопшто со родова-заснованата дискриминација. Јас, и сите ние, имаме обврска да ги користиме сите наши можности да алертираме и да делуваме за подобрување на состојбата се до потребните законски решенија. Впрочем тоа е и мојот вообичаен совет кон сите жени со кои секодневно работам.

Денеска е 8.Март, може ли да направите пресек – има ли и во кои области напредок во правата на жените во земјава?

Напредок дефинитивно има. Најголем напредок се гледа во воспоставените квоти за кандидатските листи за пратеници и советници. Во моментот, 42,5% од пратениците се жени, а 36% од советниците на локално ниво се жени. Но, само две жени се градоналнички, а имаме 81 општина, и само 4 од 20 членови на Владата на Република Северна Македонија се жени. Ова покажува дека таму кадешто немаме законски квоти, учеството на жените е многу пониско.

Но, морам да споменам дека сè поголем број партии се решаваат да номинираат околу или 50% жени на кандидатските листи за пратеници и советници иако законски пропишаната квота е 40%. Потоа, иако не постои квота за претседателки на локалните совети, сепак, во моментот 36% од претседателите на советите се жени. Но, бројката е само дел од вистинското учество на жените во политиката. Жените имаат право да бидат во сите тела на одлучување, на партиско, државно и општинско ниво.

Каде потфрла системот – со оглед дека секој ден во полицискиот билтен има пријави за физичко и психичко насилство врз жените, изминатата година имавме и фемициди...

За жал, како дел од НДИ, работам првенствено со политичарките и теми поврзани со нив. Но, според моите сознанија, како и за многу други области, проблем е спроведувањето на законите. Неретко сме сведоци дека разврската на пријавите е или одложена или ја нема. Јас лично сè уште чекам на конкретни акции од институциите за еден личен пример од април 2021.

Лично Вие како ја доживувате женската солидарност и борбата за женски права...Каков пример сметате дека сте за останатите жени?

За жал мислам дека треба уште многу да работиме на развивање на женската солидарност, па и на борбата за женски права. Неретко гледаме подвоеност кај политичките актери и актерки, тука мислам и на партиски, но генерално политички, во борбата за родова еднаквост и женски права. Оваа борба не е натпревар, оваа борба треба да е заедничка за сите, и жени и мажи, од сите политички партии, но и граѓански организации, институции. Впрочем, правата на жените се основни човекови права кои како такви беа прогласени од страна на Обединетите нации пред речиси 70 години.

Оваа борба треба да нè обединува сите. И морам да признаам, во рамките на проектот на НДИ WoMen Lead: Унапредување на родовата еднаквост преку политичкото учество на жените, проект финансиран од Шведска, имам одговорност, но и задоволство да работам со Работната група за родова еднаквост, составена од жени и од мажи од шест политички партии. Токму оваа група ми дава надеж дека можеме да успееме во оваа борба. Во својата работа, секогаш тргнувам од премисата дека женските права се човекови права, и од тоа не отстапувам.

Би сакала да додадам дека верувам во моите вредности, верувам во вредностите на НДИ, и верувам дека со сопствената работа, однесување и соработка со политичките партии, граѓански организации, државни и општински инстуции давам добар пример за сите околу мене. И токму оваа соработка и солидарност е нешто кое ми е водилка во секојдневната работа, но и животот, воопшто.