И покрај тоа што се најде на црната листа нема никакви пречки за Стевчо Јакимовски да биде претседателски кандидат

Стевчо Јакимовски нема никакви пречки да остане во претседателската трка откако се најде на црната листа на САД. Тој вчера на вондредната прес-конференција што ја одржа кажа дека нема намера да се повлече и дека ова му е дополнителен мотив да продолжи. Од Државната изборна комисија посочуваат дека нема законски пречки тој да не продолжи со неговата кандидатура.

„Критериумите за избор на шеф на државата се содржани во Уставот и во Изборниот законик кои предвидуваат дека кандидатот треба да биде македонски државјанин, да има минимум 40 години и да е жител на Македонија најмалку 10 години во последните 15“ посочуваат од ДИК. 

Денеска со реакции се јавија и од двете најголеми политички партии. Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вели дека треба веднаш да се донесе Законот за рестриктивни мерки и го повика Антонио Милошоски да го стави ова законско решение на дневен ред.

„ Го повикуваме пратеникот Антонио Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура. Очигледно е дека тој од некаква причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен. Доколку не планираат да го стават тогаш треба да кажат од кои причини тој закон не сакаат да го стават да биде донесен во Собранието“, вели Ковачевски. 

Милошоски преку статус на Фејсубк вели дека според Законот за меѓународна соработка во кривична материја, надлежните институции ако сакаат веднаш можат да преземат конкретни чекори против лица кои се наоѓаат на црната листа на САД.

Стевчо Јакомовски вчера се најде на најновата црна листа на САД само неколку часа откако во ДИК ги предаде собраните 11 468 граѓански потписи за претседателската кандидатура. Подоцна преку прес конференција порача дека овој чекор го доживува како акт на насилство и директно мешање во изборниот процес за што најави и кривична пријава против непознат сторител. 

Покрај Јакимовски, поради вмешаност во значителна корупција, на листата се најде и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.