Груевски најави набавка на 30 минибуси и 20 трамвај-автобуси

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вчерашното промовирање на нови предизборни мерки повторно ја актуеализираше идејата за воведување на трамвај во главниот град.

Лидерот на владејачката партија најави набавка на 30 минибуси и 20 зглобни автобуси на електричен погон, кои би сообраќале на планираната трамвајска мрежа во Скопје и би изгледале како трамвај. „Набавката на 20 зглобни дводелни електрични автобуси со дизајн на трамвај, не само што ќе го постигне истиот еколошки ефект, истиот број на кабини со ист број патници во него, истата брзина овозможена со резервираната лента, исто како кај трамвајот, удобност и слично, туку што е клучната разлика, ќе избегне раскопување на целиот град во период од неколку години“ рече Груевски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, воведувањето на вакво превозно средство во Скопје ќе чини околу 12 милиони евра, што би се исплаќало на неколку годишни рати. Покрај наведената сума за купување на новите возила, засега нема информации за тоа колку ќе чини изведбата на нова лента резервирана за автобусите во форма на трамвај, ниту пак колку ќе изнесува финансиската конструкција за изградба на новото депо.