ДЗР: Мерките за подобрување на студентскиот стандард во студентските домови се недоволно ефикасни и економични

Во ревизорскиот извештај кој е направен од ДЗР се наведува дека, мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од страна на надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување на одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана како и реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на Државните студентски домови.

Во делот на стипендирањето на студентите воспоставени се неколку мерки кои се соодветни, но истите не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми, а поради аплицирање кај повеќе од една група на стипендии, обемната документација и недоследностите при утврдување на исполнетоста на условите дел од стипендиите не се доделени. Дополнително, ревизорите утврдиле дека е воспоставен начин на стипендирање за студирање во странство со кој не се обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата.

Не е изработен ниту посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.

 Воспоставениот начин на субвенционирање на студентскиот оброк од страна на МОН преку исплата на трансакциските сметки на студентите не овозможува да се потврди дека исплатените средства за 2022 година во износ од 701.482 илјади денари (околу 11,37 милиони евра) или 50,2% во вкупните средства за студентскиот стандард се користат исклучиво за намената која е определена со Законот за субвенциониран студентски оброк,  при што во текот на 2023 година направени се измени во Законот за студентски оброк во обид да се намали можноста од вакво постапување на корисниците на средствата.

За мерките за студентско стипендирање ревизорите проценија дека се соодветни, но истите не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми. За дел од студиските програми е предвиден износ на стипендија кој е три пати повисок од редовниот износ кој е утврден во висина од 6.050 денари за кој постои можност за подобрување преку реструктуирање на останатите расходи од Програмата.

Целиот извештај на ДЗР може да го погледнете тука