Донесен буџетот на Илинден - позначајни проекти се изградба на фекална канализација и пречистителни станици

Советот на општина Илинден на својата 4-та редовна седница го донесе буџетот на општина Илинден за 2018-та година, кој изнесува 435.110.000 денари.

Истовремено, Советот ги донесе 13-те годишни програми за работа за 2018 година согласно планираните средства во буџетот, како и 3 развојни програми за периодот 2018-2020 година.

Буџетот на општина Илинден за 2018 година е со развојна компонента при што е применет  партиципативниот принцип на буџетирање при поставување на приоритетите на локалната заедница.

Според структурата  56 % од планираните приходи се од сопствени извори на финансирање, а преостанатите 44 % од трансфери и дотации од буџетот на РМ и од буџетите на фондовите.

Посебен акцент во Буџетот за 2018 година е ставен на капиталните расходи кои заземаат 61 % од планираните средства во основниот буџет, од што се гледа развојната компонента на истиот.

Голем дел од капиталните расходи во износ од 88.300.000,00 денари се планирани во програмата за изградба и реконструкција на локални улици, патишта и мостови, односно за подобрување на патната инфраструктура (изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локалната патна инфраструктура), подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и во локалните економски зони, одржување на постојната патна инфраструктура и изградба на сообраќајни и пешачки мостови.

Меѓу позначајните проекти опфатени во Буџетот за реализација во 2018 година е изградба на фекална канализација и пречистителни станици за што се планирани 33.000.000,00 денари, а во областа на заштита на животната средина, за чистење на главните одводни канали и речни корита зафаќање и одведување на атмосферските води дезинфекција, дератизација и дезинсекција планирани се 11.036.000,00 денари.

За непречено одвивање на образовниот процес, за функционирање, модернизација, реконструкција на основните училишта во општината  планирани се 77.828.000,00 денари, за средно образование планирани се 18.133.000,00 денари, а за детската градинка се планирани 26.476.000,00 денари.

За дел од планираните капитални проекти, за чија што реализација е потребен подолг временски период од неколку години, како и поголеми финансиски средства кои што го надминуваат годишниот буџет, општина Илинден има подготвено проекти со кои што ќе аплицира до повеќе како домашни, така и странски институции за обезбедување на дополнителни средства преку грантови и донации за реализирање на овие проекти.

Со цел поголема транспарентност и поголема вклученост на граѓаните во рамките на подготвувањето на Буџетот за 2018 година, како и во изминатите години општина Илинден организираше буџетски форум на кој граѓаните преку посочување на приоритетните проекти во нивните населени места, имаа можност со своето партиципативно учество да придонесат во креирањето на буџетот.