Изгласан буџетот на Општина Карпош, мнозинството не дозволи гласање по амандманите на ВМРО-ДПМНЕ

Советниците го изгласаа Буџетот за 2024 година на општина Карпош откако мнозинството во советот не дозволи да се гласа по ниту еден од 3870 амандмани што ги поднесоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседавачот на советот Добрила Андоновска која како најстар член ја водеше седницата не дозволи да се дискутира по ниту еден од тие амандмани туку веднаш го стави предлогот на гласање без разлика на реакциите од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Вељановски.

-Барам да биде прекината седницата. Зошто? Затоа што утрово не можевме да поднесеме барање за седница на која би имала единствена точка на дневен ред – Носење одлука за времено финансирање на општината, бидејќи во 9:30 часот немаше никој во Архивата. Затоа барам оваа седница да биде прекината и веднаш да пристапиме кон носење одлука за времено финансирање на општината, побара во процедурална забелешка координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Велјановски.

Андоновска во рамки на седницата предложи Советот да донесе одлука по исто прашање на оваа седница да се говори само еднаш, за која било точка од дневниот ред, според член 71 од Деловникот, и да се ограничи времетраењето на излагање на пет минути. Таа за оваа одлука побара поддршка од најмалку пет советници за да го поддржат барањето, која беше усвоена, но наиде и на остри реакции од советниците на ВМРО-ДПМНЕ дека со тоа се кршат деловничките права.