Сезона на зимувања - Каде ќе скијаат Македонците?

Копаоник во соседна Србија и Банско и Боровец во соседна Бугарија остануваат најпривлечни за зимување меѓу македонските граѓани, но годинава има голем интерес и бањите кои нудат топли базени и спа услуги во соседна Србија. 

 Цените годинава се за околу 10 проценти поскапи од минатата зимска сезона, но, како што посочуваат агенциите, и покрај поскапувањето, сепак има голема заинтересираност.

Во зависност од типот на хотелот, аранжманите се движат од 50 евра до 170 евра со вклучен доручек и спа и друг вид на услуги.

Македонците најмногу се одлучуваат за дводневни или тродневни тури за кои пондуите од туристичките агенции се поповолни. 

Најмногу се жалат на цените околу зимските спортови. 

- Кога одите со деца кои сакаат зимски спортови излегува многу скапо за неколку дена и тоа сместувањето и храната не се толку скапи како опремата, инструктор доколку сакате, жичарницата која чини 20 евра за едно лице, коментиран еден граѓанин кој додава дека бањите во хотелите се бесплатни, односно се во рамки на цената за сместувањето, а се многу полезни. 

- Оваа зима бевме и планирама повторно да одиме на Шапка на еднодневна ски-тура, најмногу за децата да уживаат на снегот. Во некои од соседните зимски центри многу е скапо за наш стандард, кога ќе се пресмета, превоз, зелен картон, сместување и храна, опрема за скијање, вели една скопјанка. 

Граѓаните не се откажуваат ниту од домашните скијачки центри, од кои, како и секоја година, најпосетувано е Маврово, а во снежните денови посетени се и Пелистер, Попова Шапка, Пониква и Крушево.