Денеска во Скопје ќе се маршира за женските права

Во Скопје денеска на Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените – 8 Март, ќе се одржи Марш за женски права. Маршот ќе почне во 17 часот од Плоштадот „Скендербег“ под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“.

Рутата на маршот ќе заврши во Паркот „Жена Борец“, со завршни обраќања до јавноста и институциите.

Од Платформата за родова еднаквост информираат дека осма година по ред маршираат за да потсетиме дека женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето.

-Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање!  Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права! Затоа што сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности – еднаков пристап до здравствени услуги без да биде загрозена нашата автономија, достапност на бесплатни гинеколошки прегледи во секој град и во секое населено место, менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување, независност и сигурност – во сите сегменти од живеењето!, велат од Платформата за родова еднаквост.

Од Платформата за родова еднаквост повикуваат до граѓаните да им се приклучат на маршот и да маршираат заедно за да се крене гласот за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат.