Арсовска во посета на жените кои се лекуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со волонтери на Црвениот крст денеска ги посети жените кои се лекуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

Арсовска, по повод денешниот празник, Осми март, им посака брзо закрепнување од тешката болест и долги години добро здравје.

-Денеска на Меѓународниот ден на жената тука сме за поддршка на овие силни жени, со мал гест на внимание да им влееме дополнително доверба за надминување на болеста. Да се надминат здравствените потешкотии кои канцерот ги носи со себе е подеднакво тешко како физички така и психолошки, порача Арсовска. 

-Со жените кои се борат со канцер разговарав низ призма на сопствените искуства, познавајќи ја добро состојбата, во која се соочени со тежок предизвик во животот и се борат за надминување на болеста. Голема благодарност и до тимот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија кои секој ден даваат свој максимум за помош на лицата кои се лекуваат, рече Арсовска по средбата.