Бурни реакции откако „Домаќица“ се ребрендираше - Прво сте домаќинка, па потоа...менаџерка?

Во новата кампања, хрватската кондиторска компанија „Краш“ одлучи кај култните колачиња покрај името „Домаќица“ (Домаќинка) да додаде и женски занимања, како „адвокатка“, „менаџерка“, „правничка“, „програмерка“ итн. Целта, се чини, е „да се осовремени“ производот и да се едуцираат младите генерации за важноста од правична поделба на домашните, но и општествените работи.

„Со нашата нова кампања целиме да ја подигнеме јавната свест за важноста и сложеноста на обврските во домаќинството кои жените најчесто ги преземаат и да ја подигнеме свеста дека грижата за домаќинството е заедничка работа на сите членови на домаќинството. Првиот чекор на кампањата е да ја ставиме ‘Домаќица’ на полиците во специјално издание“, соопшти „Краш“.

Но, додека некои ја гледаат рекламата како солиден обид за „политичка коректност“, има и такви кои не ги прифаќаат промените.

„Краш ни направи цела колекција за да разбереме што може да бидеме покрај тоа што сме домаќинки“, гласи една Твитер-објава.

Реакции има во македонската јавност: 

-Ве читам сите еманципирани, дека сте навредени од тоа да ве нарекуваат ,,домаќинки". Преферираните називи се ,,проект менаџерки", ,,инженерки", ,,лекарки", ,,економистки", ,,информатичарки" итн. Мене па ич не ми смета. Мене домаќинлукот ми е ,,во паузата меѓу рекламите". Неодминлив е. Жените што ги презираат домаќинките се дискриминаторки. Ребрендирањето на ,,Домачица" е супер, пишува новинарката Мирослава Брнс. 

-Ребрендирањето целосно ја сведува жената на домаќинка, а после на се друго. Односно ја зацврстува патријархалната порака дека жената во општеството мора прво да биде домаќинка, па после евентуално може да има и друга (платена) професија, гласи друга реакција. 

-Патријархалната свест е се уште длабоко присутна и ова ребрендирање само дополнително ја покажува и зацврстува. Кампањата е само навидум еманципаторска, зашто во својата суштина е длабоко патријархална, дискриминирачка и опасна, реагира друга жена на социјалните мрежи. 

Исто така, се покрена и иницијатива за промена или дополнување на дефиницијата за „домаќинка“ во речниците на хрватски јазик.

Слаткарската компанија со седиште во Загреб, „Краш“ постои од 1911 година