Капитални проекти, повеќе зеленило и помалку бетон - што ветуваат идните градоначалници?

Вкупно 11.000 кандидати за градоначалници и советници во 80 општини и градот Скопје ќе бидат дел од предизборната кампања која стартуваше денеска за седмите по ред локални избори кои се закажани за 17. октомври.

Иако кампањата официјално започна од денеска, кандидадите и претходно имаа неофицијални активности за презентација на своите ветувања и размен на идеи со граѓаните кои ќе се најдат во нивните програми.

Што ветуваат идните градоначалници пред населението?

Капитални инвестиции во општините, ново зеленило и чисти јавни површини, хумана урбанизација и повеќе паркинг места – се најчестите ветувања за општините во Скопје.

Граѓаните и натаму ги потенцираат потребите за рамномерна квалитетна инфраструктура, но уште повеќе ја истакнуваат потребата за развој на локалната економија со цел повеќе работни места.

На скопјани, меѓу другото, приоритет им е организираната урбанизација на градот и општините што е тесно врзано со ветувањето за повеќе зеленило и спас од аерозагадувањето.

Дел од скопските општини бараат и изградба на повеќе детски градинки и училишта кои ќе понудат достоинствени услови за сместување и учење на најмалите жители.

Кампањата, несомнено, ќе донесе многу ветувања. Останува да видиме што од нивните програми ќе биде имплементирано во реалноста и ќе профункционира за граѓаните, оние од кои сега ја бараат довербата.

Во петокот, кандидатите за градоначаници потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Синхронизирано на различни локации Кодексот го потпишаа и кандидатите за градоначалници во сите општини во Скопје и во целата држава.

Иако во време на пандемија, политичките партии убедуваат дека ќе се почитуваат протоколите за време на кампањата. И експертите сметаат дека доколку се почитуваат, изборите нема да бидат причина за ширење на ковид-19.