Безбедна ли е водата за пиење по земјотресот?

По серијата земјотреси во скопскиот регион, дел од граѓаните се пожалија дека од нивните чешми тече кафена вода.

На оваа тема, ТВ Нова ги консултираше надлежните, од каде што велат дека нема простор за паника.

„Нема простор за паника, исто како и претходно и денеска се врши проверка на квалитетот на водата. Во случај на земјотреси можно е поради тектонското поместување на земјиштето да дојде до заматување на водите. Земен е примерок, па од она што засега е познато сè е во ред – водата е санитарно исправна“, за Тв Нова изјави  Катерина Димовска, директор на Центарот за санитарија.

Таа додаде дека во план е денеска да се извршат проверки на територијата на целото Скопје и околината со цел да се види дали има некакви последици, но како што рече, првичните резултати покажаа дека се е во ред.