ИНТЕРВЈУ СО ГОЛМАНОТ НА РК ВАРДАР АРПАД ШТЕРБИК: Кога атмосферата е “пеколна“ во Јане Сандански не е ни потребно да се загрееш, веќе се е загреано

Помеѓу стативите е страв и трепет за сите негови противници, а надвор од терените е исклучително пријатен за разговор. Интервјуто го направивме во неговото омилено место, ресторанот Русија, а таму во пријатна атмосфера разговаравме за неговото доаѓање во Вардар, за неговото детство, ни раскажа за прославата на европската титула во Хрватска на јахта и за дружењето во Дубровник со Лазаров, Илич и Шарич. Се сети и на неговото прво доаѓање во Скопје во 2001 година и како ги пречекала Индира Кастратович, дознавме како го поминува слободниот ден и што ги советува своите деца кои ги следат негововите стапки. За ова и уште многу други работи за феноменалниот чувар на мрежата на Вардар, Арпад Штербик ќе дознаете во интервјуто кое следи во продолжение.

Скопје Инфо: Во Скопје си веќе неколку години. По што ќе го паметиш ова мало градче?

Арпад Штербик: Веќе 4 години живееме во Скопје и навистина ни поминаа брзо сите овие години и сметам дека за да живее некој толку долго во некој град треба истиот да му се допаѓа. Скопје е убав град за живеење, не е голем, за кратко се стигнува до сите релации во градот,  според мене идеален е за семеен живот. На моето семејство му е прекрасно тука, на сопругата и на децата им се допаѓа и навистина е убав град за нормален живот. Блиску сме до Србија, па кога имаме повеќе слободно време патуваме до Грција и Унгарија.

Скопје Инфо: Освен службено во јавноста познато е дека ракометарите на Вардар функционираат како едно семејство.  Дали приватно е тешко да се стави крај на една таква комуникација и пријателство?

Арпад Штербик: Во мојата кариера имам променето многу клубови и средини и со тек на годините се навикнуваш на тоа дека некои пријателства ќе завршат. Секако дека не можам да останам во контакт со сите 20 играчи од еден тим, но со оние со кои сум близок секако дека пријателството продолжува и по промената на клубот се обидуваме и покрај обврските да се сретнеме и да се дружиме. Еве пред неколку години организиравме дружење во Дубровник со Илич, Шарич и Лазаров, таму бевме три дена и навистина убаво си поминавме. Навистина сум среќен што во ракометот успеав да стекнам и голем број на пријатели.

Скопје Инфо: Луѓето во Македонија те обожаваат, а кај навивачите си омилениот играч. Какво е твоето мислење за навивачите во Македонија, дали навистина имаме најдобра публика во Европа како што говорат сите?

Арпад Штербик: За секој играч амбиентот во салата навистина многу значи, а во салата Јане Сандандиски е навистина пеколна атмосферата. Последните неколку години додека бев во Барселона го изгубив тоа чувство, бидејќи годишно имавме еден натпревар кога беше полна салата, кога ќе дојдеше некој клуб од рангот на Кил. Во Скопје навистина се гледа ракомет и се чувствува дека луѓето го сакаат овој спорт, а за тоа секако има заслуга и репрезентацијата на Македонија. Навивачката група „Комити“ не следи насекаде и навистина е огромна нивната поддршка, им се заблагодарувам и на сите останати навивачи на Вардар за поддршката која ни ја даваат и која многу ни значи. Кога атмосферата е “пеколна“ не е ни потребно да се загрееш, веќе се е некако загреано.

Скопје Инфо: Роден си во Србија, етнички Унгарец, репрезентативно настапуваш во Шпанија, играш за клуб во Македонија. Како функционира оваа комбинација во твојот живот?

Арпад Штербик: Мене ми е одлична цела таа комбинација. Некогаш се шегуваат на моја сметка, кога има некое првенство во некој спорт, па кога ќе кажам изгубија нашите, ме гледаат со чудење и ме прашуваат па кои се твои. Јас сум среќен што ги поминав сите тие земји, се трудев од секаде да научам по нешто и од секоја земја научив по нешто добро и корисно.

Скопје Инфо: Европската титула ја прославивте во Хрватска на јахта по покана на газдата на Вардар, господинот Сегреј Самсоненко, каква беше прославата?

Арпад Штербик: Убаво беше, се дружевме, а единствено беше штета што некои играчи не можеа да дојдат заради семејни обврски и патувања. Месец дена после освојување на титулата повторно се собравме во една релаксирана и опуштена атмосфера да се навратиме на сите моменти од изминатата сезона и на најважните два дена од целата година кога и го направивме тој успех.

Скопје Инфо: Преговарањата со Вардар не траеле долго, што беше клучно за да те убедат дека проектот Вардар е сериозен во своите намери за освојување европски титула и дека постои клуб со врвни услови од Скопје?

Арпад Штербик: За моето доаѓање во Вардар прво разговарав со Сергеј, а потоа за тренер дојде и Раул Гонзалез, ги знаев плановите на клубот и дека целта беше влегување на фајнал фор што е навистина тешко бидејќи има многу доста квалитетни екипи, а секоја година и се придодава уште некоја екипа со квалитет. Се почна кога му јавив на Сергеј за да му предложам еден играч да го земат, ми кажа: него не го сакаме ама тебе те сакаме и ти можеш да дојдеш веднаш. Тогаш бев на летување, му одговорив дека не можам одма, дека имам уште малку од договорот со Барселона и дека за неколку месеци можеме да преговараме за наредната сезона. А што се однесува до условите, не верував дека постои клуб во Скопје кои ги нуди овие услови и никој не би поверувал во тоа. Вардар е единствен клуб со вакви услови, играчите имаат своја сала за да тренираат колку сакаат и кога сакаат, теретана, спа центар, ресторан... Верувајте ова го нема во ниту еден друг клуб во Европа!

Скопје Инфо: Со неверување ја примивме веста дека големиот Арпад Штербик доаѓа во Вардар, а сега со тешко срце ја прифативме информацијата дека го напушташ Скопје. Најавуваше пензионирање но на крај сепак одлучи кариерата да ја завршиш во Веспрем, покрај враќањето дома што беше клучно за таквата одлука?

Арпад Штербик: Дојдов во Вардар на четири години и до крај го одработев договорот, што не беше случај со претходните клубови. Одлучив дека сакам да се вратам дома и да продолжам уште некоја сезона во Веспрем доколку уште можам да бранам. Засега сум во одлична форма и сметам дека можам уште некоја сезона да бидам на голот пред да ставам крај на ракометот и да се посветам на други семејни обврски, а секако имав и одлична понуда од Веспрем кој исто така е клуб со амбиции за освојување на европската титула.

Скопје Инфо: Твоите деца ги следат твоите стапки и тие тренираат ракомет, кои совети им ги даваш кога станува збор за ракомет?

Арпад Штербик: Да, тренираат кај Андријана Будимир. Синот тука прво почна фудбал да тренира па потоа се префрли на ракомет. Прво почна да брани бидејќи мене ме гледа како бранам, но Андријана го става бек и ми вели дека не може да го стави на гол некој што ќе биде многу добар играч. Навистина не ми е важно што ќе тренираат, туку е важно да бидат во спортот бидејќи на тој начин ќе можат да се тргнат од сите пороци. Не им се мешам што ќе изберат, кај мене дома владее демократија и секој прави што сака, така да секогаш ќе ја имаат поддршката од мене и сопругата за нивните одлуки.

Скопје Инфо: Какво дете беше ти, сонуваше ли како мал да бидеш полицаец, пожарникар или веднаш знаеше дека ќе биде спортист?

Арпад Штербик: Мирно дете бев, од мал почнав да тренирам ракомет. Израснав во сала, бидејќи и мојот татко се занимаваше со ракомет, па кога немаше кој да ме чува бев во сала. Бидејќи бев висок и посилен од моите врсници веднаш почнав да тренирам со повозрасните групи и останав во ракометот.

Скопје Инфо: Како изгледа еден твој ден кога не е поврзан со ракометот?

Арпад Штербик: Најчесто слободен ден имам во недела, кога немам ниту натпревари ниту тренизни. Денот тогаш е посветен на моето семејство, одиме некаде на прошетка, па на ручек, а попладне зависно од желбите на децата одиме на куглање или доаѓаме во сала со децата да играме ракомет.

Скопје Инфо: Дали имаш хоби и кое место го посетуваш најчесто?

Арпад Штербик: Не знам дали сум чуден тип, но јас не слушам музика, не сакам филмови, некогаш кога патувам читам книга, во принцип сакам да одмарам. А моето омилено место е хотелот Русија, односно ресторанот. Тука го пијам моето прво кафе и не знам дали во овие 4 години сум бил на пет различни места да испијам кафе. Не сакам многу да излегувам, сакам мир и тишина, а тоа го имам тука. Имам неколку ресторани кои ги посетувам често, но и тоа зависи од друштвото и желбите на останатите.

Скопје Инфо: На што прво ти текнува кога ќе помислиш на Скопје?

Арпад Штербик: Мене ми е останато во сеќавање 2001 година кога за прв пат дојдов во Скопје со тимот на Веспрем да играме натпревар од ЛШ во групи, спиевме во хотелот Белви и не знам дали беше лоша вечерата или нешто друго беше причината ама знам дека Индира Кастратович вечерта се појави со 100 кебапчиња. Тоа е првото нешто што ми текнува кога ќе помислам на Скопје.

Скопје Инфо: Како се снаоѓаш во кујна?

Арпад Штербик: Па искрено не се снаоѓам баш најдобро, подготвувам доручек за децата и кафе за мене и сопругата. Инаку, повеќе сакам ресторани.

Скопје Инфо: Првиот дел од ЛШ, Вардар го заврши перфектно без пораз, според тебе на што се должи одличната и стабилна игра?

Арпад Штербик: Минатата година целата сезона ја одигравме многу добро, можеби имаше еден или два натпревари од кои не бевме задоволни. Искрено и јас очекував да се опуштиме, и не само ние туку и навивачите и сите кои се околу Вардар. Кога ја освоив првата титула со Суидад Реал целиот град беше излезен на плоштад за да прославиме, за втората титула имаше 30% помалку луѓе, а веќе на третата еуфорија немаше, како да тоа беше нормално. Имаме одличен тим со млади ракометари, во оваа сезона влеговме исто онака како што ја завршивме, искрено во ракометот е нормално да дојде до пад во играта, а од друга страна сум среќен што имавме многу лош натпревар со Рај Некар Левен, но и покрај лошата игра успеавме да се вратиме непоразени, па се надевам дека во тие лоши моменти ќе успееме на крај да излеземе задоволни.

Скопје Инфо: Сеуште сме актуелни европски шампиони и апетитите на љубителите на ракометот се се поголеми, па сега сакаме одбрана на титулата, какви се твоите очекувања за еден таков подвиг?

Арпад Штербик: Секако дека сите сонуваме кога ќе почне сезоната да ја освоиме титулата. Откако се занимавам со ракомет секогаш размислувам како да се стигне до фајнал фор, бидејќи е многу тешко да се стигне до завршиот турнир. Потребно е да се има високо ниво во играта во целата сезона, потребно е и среќа за да не се мачат играчите со повреди. Откако ќе се успее да се влезе во фајнал фор за тие 24 саати може се да се случи, според мене е поважно сезоната во групи да се заврши што е можно подобро. Се сеќавам дека кога ја победивме Барселона и влеговме во финале против ПСЖ го прашав тренерот Раул и сега што ќе правиме, ми одговори не знам, се спремав за  Барселона и Веспрем во финалето, но ајде да гледаме Реал Мадрид и Јувентус финале па после ќе мислиме и така беше. Чекор по чекор се оди и на крај ја освоиме титулата.

Скопје Инфо: Што не знаеме за Штербик од приватниот живот, а би не изненадило?

Арпад Штербик: Нема такво нешто за мене, од хигиеничари до келнери сите се знаат за мене, јас сум отворен тип.