ЗНМ со осуда за нападот кон новинарската екипа на ТВ „24“, бараат вакви инциденти да не се повторуваат

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува агресивниот однос и вербалните закани кон новинарката Елизабета Дамјановска и нејзиниот колега снимател од ТВ „24“, кој се случил за време на вчерашниот партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата од страна на непознато лице. Бараме од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и од другите учесници во изборната кампања,да го осудат нападот кон колегите од ТВ „24“ и вакви инциденти да не се повторуваат.

Според изјавата од колегите на ТВ „24“, за време на синоќешниот прв партиски митинг на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ пред Владата во Скопје од страна на агресивно лице имало непријатен инцидент, кој ја загрозил безбедноста на колешката Дамјановска и на снимателот на ТВ„24“. Лицето најпрвин почнало да ја навредува и омаловажува телевизиската екипа упатувајќи погрдни зборови и пцости општо за сите новинари, а потоа ова ескалирало и со закани кон нив, со што предизвикал чувство на страв и несигурност.

Од ЗНМ посочуваат дека новинарите имаат својство на службени лица и дека напад кон новинар или медиумски работник при вршење професионални задачи е кривично дело, кое се казнува со казна затвор.

Освен ова, укажуваме дека агресивниот говор и говорот на омраза кон новинари може да предизвикаат дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси.