„Живот на рати“ - Дали во Македонија може да се живее без кредит?

„Дали во Македонија може да се живее без кредит?“ е прашањето кое им го поставиме на нашите читатели со оглед дека повеќе македонски семејства подигаат кредити за решавање на станбеното прашање, за реновирање, за автомобил, за свадба, па дури и за одмор или најнов модел на телефон.

Повеќето од граѓаните велат дека, со оглед на македонските плати, без кредит тешко се минува.

Без кредит е изводливо да се преживува, велат тие, и кредит не е потребен доколку двајца членови од семејството имаат плати над 800 евра, што е реткост во нашето општество.

Од друга страна има такви кои велат дека потребно е рационално распоредување со домашниот буџет и се против, како што велат, заглавување, со кредити.

-Ако знаеш колку ти е чергата толку да си ги пуштиш и нозете. Сите знаеме некого кој зема кредит само да се покаже пред друштво или фамилија со одмор на море, нова кола, реновирање дома, купување на техника, телефони и многу други работи секоја година или слично..., вели еден граѓанин.

-Може да се живее без кредит само ако се има плата од 700 евра најмалку, пишува друг.

-Платите ни се по 15.000 денари, тешко се опстанува. Кредити се земаат за свадба кога наеднаш треба да се искешираат над 1.500 евра, за нов автомобил што исто е скапа инвестиција или за реновирање кое е многу попрактично да се изведе наеднаш, а не да се цепка на делови, пишува една читателка.

-Животот на секој македонец е на кредит. Да, во ред е кога станува збор за потребна инвестиција. Како на пример за купување стан, наместо секој месец да плаќаш кирија, ќе отплаќаш рата за кредит, но не е во ред да се подига кредит за одмор на луксузна дестинација, за смарт телефон од 1.500 евра или за бесна кола, само за продавање чалами, смета еден читател.

-Жално е што се повеќе се земаат кредити за лекување на приватно, констатира друг читател.