„Живееме во држава на криминалци и локални шерифи кои заедно со судството можат да прават што сакаат“, вели Божиновски

Божидар Божиновски повторно испрати остри критики преку неговиот профил на фејсбук. Според него, Македонија не ѝ треба на ЕУ, а ние без ЕУ сме држава на криминалци и локални шерифи.

- Веќе станува тажно ова инсистирање на ЕУ и само ЕУ. Да, многу добро ќе беше ЕУ да покажеше разбирање за нашите проблеми со соседите, за домашните проблеми, да пружеше рака да помогне. Напротив, тие застанаа на страната на појакиот во тие неправди што ни се случува со децении. Ни еднаш не рекле „доста е“ на изживувањето на соседите, а ни на домашниве криминалци кои нѐ водат.

На ЕУ не ѝ требаме, а ние еве сме и без ЕУ. Какви, такви. И со големи проблеми што ниеден Устав нема да ги смени туку само реформи и работа. И пред сѐ - правда! Живееме во држава на криминалци и локални шерифи кои заедно со судството и обвинителството можат да прават што сакаат, неказнено. Во нивни џебови ни се одливаат парите за здравство, образование, инфраструктура, култура.

Корупцијата е видлива - распаднати болници затоа што некој крадел, школи под секој стандард и без ученици дека некој крадел, дупки на патот дека некој крадел. Евроскептицизмот е на највисоко ниво од кога постои Македонија. Не е ова резултат на руска пропаганда туку на ЕУ и нивните пулени овде кои се криминалци или медиумски го поддржуваат тој криминал. И никој нема да ни среди ништо од надвор дур не средиме сами, објави Божиновски.