Започнаа велигденските пости

За православните верници од денеска започнува Велигденскиот пост што ќе трае шест недели до празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 5 мај.

Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува: Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за празникот. Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение. Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха. Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден. Четириесетница  – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2). Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст. Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост. Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости. Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.

Првпат Велигденски пост или пост за Велигден се спомнува на крајот од II век. Тој траел само три дена, вели свети Иринеј Лионски (+202г.) и сите го постеле. Така се постело во III век, во „спомен на Христовите страдања“, вели и Тертулијан (+220г.). Кон крајот на III век, во Сирија се спомнува Велигденски пост којшто траел една седмица. А во средината на IV век, веќе се спомнува Велигденски пост од 40 дена. За тоа пишува историчарот Евсевиј Кесариски (+340г.) и свети Атанасиј Велики (+373г.) во Велигденските посланија. Дури во V век е оформен сегашниов Велигденски пост – Велика Четириесетница.

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Тогаш, зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страсна седмица.

Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страсна или Велика недела.

Веќе се најавува блискоста на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики: Од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Господа Исус Христос. Особено се значајни последните три дена:

Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера.

Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребан. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува Плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.

Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде ќе воскресне.

Постот е време на духовна будност, очистување, покајание, молитва, подвизи и добри дела. Тој е неразделно поврзан со молитва, со читање духовни книги, со дела на милост и љубов кон ближниот, духовни разговори, посета на богослужби, читање и проучување на Светото писмо, посета на часови по веронаука и верски поуки и правење добро.

Најдобро е така христијански да живееме постојано, но ако во тоа не успеваме, тогаш постот е најдобар период за вежбање во доброто и придржување кон тоа, за да ни постане доброто навика и да биде наш начин на живеење. Добро е во тој период да се воздржиме од вообичаените лоши навики, недостатоци и пороци.