Во недела во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се изведе премиерата на театарската претстава „Едвард Втори“

Во недела со почеток во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се изведе премиерата на театарската претстава „Едвард Втори“. Претставата е ко-продукциски проект на Драмскиот театар - Пловдив, Р. Бугарија и театарот „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ од Велес, Република Северна Македонија и е дел од официјалната програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата се реализира со поддршка на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и Министерството за култура на Република Македонија.

Соработката меѓу двата театри опфаќа две копродукции.

- Двегодишниот проект опфаќа создавање на две претстави потпишани од значајни европски режисери - „Едвард Втори“, дело на Андриј Жолдак, Украина и перформанс на Дијана Добрева, Бугарија. Двете копродукции ќе бидат проби на сцените на двата театри и ќе бидат придружени со работилници на кои ќе земат учество студенти од Универзитетот „Европа Прима“, информираа од Драмскиот театар - Пловдив.

Инаку, претставата „Едвард Втори“ на Кристофер Марлоу има неколку различни насоки. Главната насока е приказната за „Едвард II“, проследена од „Ричард II“од Шекспир. Темите за кои се зборува се односот татко и син, во отсуство на мајката, потоа мотивите на моќта и луксузот, а со тоа и прекумерното уживање, енергијата на младите луѓе и нивната директност.

„Едвард Втори“ е во режија на Андриј Жолдак од Украина, а драматург е Сашо Димовски од велешкиот театар. Ликот на Едвард Втори го игра актерот од театарот од Пловдив, Борис Крстев.

- Крајниот конфликт на 21 век е конфликтот за превласт, меѓу мажот и жената и во текот на оваа претстава ќе видиме како тоа се одвива. Овие нишки се раскажуваат низ различни театарски форми, од психолошки вистинити ситуации до ритуален театар и од современиот физички театар до можниот театар на иднината. Во центарот на приказната се актерите кои се вистински личности и преку нив можеме да видиме и нешто за луѓето кои живеат денес, во 2023 година, истакна режисерот Жолдак.

Претставата не е наменета за лица помлади од 16 години.