Внимавајте, се снима – камерите ќе ги ловат грешките на учесниците во сообраќајот!

Секоја минута по две лица умираат во сообраќајна незгода, годишно повеќе од еден милион лица животот го губат во сообраќајни несреќи, 50 милиони се повредени, па може да се заклучи дека најголемиот убиец на 21 век е брзото и несовесно управување на возилото.

Возачите сакаат да ја нагазат педалата за гас, особено оние помладите, кои во градските средини, но и на патиштата и автопатите низ државата возат со многу поголема брзина од дозволената, а за жал тоа многупати ги чини и живот.

Едни едуцираат, а други казнуваат, но очигледно ниту тоа не е доволно за да се промени свеста кај граѓаните за ризикот од брзото и несовесно возење. Секоја жртва е загуба за семејството, заедницата и општеството и токму затоа сите треба да учествуваме да го промениме овој тренд.

Повеќето европски држави имаат инсталирано систем за видеонадзор на патиштата, а најсвеж таков пример ни доаѓа од соседна Република Србија, каде од неодамна е инсталиран ваков систем на патиштата.

Податоците кои се изнесени во јавноста од страна на Министерството за внатрешни работи на Србија се застрашувачки, каде за само два дена минатиот месец казнети се 7.820 несовесни возачи за пречекорување на максималната брзина од 120 километри на саат помеѓу две наплатни рампи на делницата од автопатот Шид – Шимановац. Тоа значи дека на секој час во тие два дена казнети се скоро 163 возачи. Сигурносните камери забележале и возачи кои возилата ги управувале и со повеќе од 240 километри на саат.

И во Република Македонија во напредна фаза е спроведување на таков проект, од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Претседателот на оваа институција вели дека во план е реализација на ваков проект кој во првата фаза ќе има само едукативна улога, согласно надлежностите на институцијата.

-Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на својата последна седница донесе одлука за реализација на Проект за следење на состојбата на патиштата со помош на камери. Следејќи ја европската пракса решивме ваков пилот-проект да реализираме и во Македонија, потенцираше Стаменковски.

-Проектот има за цел да ги утврди и следи најчестите грешки кои ги прават учесниците во сообраќајот, а истовремено да утврди колку често тие се случуваат, кои се причините за ваквите грешки и како тие влијаат на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Тој ќе биде поделен во две фази. Во моментов се изготвува анализа за тоа како ќе се реализира проектот. Според нашите очекувања првата фаза ќе започне со реализација до крајот на оваа година, а втората на почетокот на 2018 година. Очекуваме до почетокот на идното лето проектот да биде комплетно функционален и да ги лови грешките на учесниците во сообраќајот и истовремено да ги едуцира сите учесници во сообраќајот.

Ова е веќе прифатена пракса насекаде во светот, а особено во Европа. Во оваа фаза проектот ќе има само едукативна цел, а со тоа уште еднаш ќе ги потврдиме заложбите на РСБСП да се реализираат проекти кои имаат едукативна и превентивна цел кои се е многу важен сегмент во процесот на градење и подигнување на сообраќајната култура.

На крајот само ќе напоменам дека за реализација на еден ваков важен и значаен проект очекувам поддршка од сите институции и нивна соработка за целосна имплементација и реализација на проектот, истакна Стаменковски.

Инаку, согласно сообраќајната статистика бројката на жртви во сообраќајни несреќи бележи пад во споредба со онаа од 2016 година. Неофицијално, падот е за околу 10% споредено со лани.