Владата да ги обесштети земјоделците и да го исчисти коритото на Вардар, побара Трипуновски

Претседателот на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски денеска заедно со градоначалникот Костадиноски беше увид на штетите кои што се настанати од поплавувањето на земјоделските површини во општина Јегуновце.

- Станува збор за некаде околу 1000 хектари земјоделски површина која што е поплавена и практично има голема штета. Тоа мораме да го потенцираме дека е како резултат на неажурноста на власта. Тоа е реалната состојба. Еве како прво подружницата на АД Водостопанство Тетово нема директор. Коритото на реката Вардар последните 6, 7 години не е припнато да се регулира да се исчисти и да се тргне вегетацијата за да може протокот да биде нормален. И нормално одводните канали на територија на Јегуновце кое што е надлежност на АД Водостопанство не се исчистени. И таа ситуација доведува до една ваква состојба, односно поплавување на домовите и земјоделските површини, вели Трипуновски.

Од страна на локалната самоуправа се формирани комисии кои што ќе излезат уште денеска на терен и ќе прават проценки на штета.

- Тоа што сакам да го упатам како апел е да власта врз однос на тие штети да ги обештети земјоделците од Јегуновце, затоа што сепак треба нивната егзистенција да продолжи и понатаму и нормално да се засукаат ракавите и регулација на овие корита на реката Вардар и одводните канали да се исчистат час поскоро за во иднина да не се најдеме во уште една ваква несакана ситуација, кажа Трипуновски.