Отровен зеленчук е увезен во Македонија од Албанија, вели Трипуновски

Претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски на прес-конференција кажа дека до него стигнале документи од анализи на Државната фитосанитарна лабораторија при увоз на зеленчук во Македонија од Албанија, од кои се гледа присуство на пестициди повеќе од дозволеното.

-Ова се документи од МЗШВ, од државната фитосанитарна лабораторија, со документ и печат на институцијата заведени со број 10802-409/2 и 10802-372/2, од кои јасно се гледа дека Државната фитосанитарна лабораторија направила анализа на увезена крставица и домат за утврдување на присуство на пестициди. Наодот од анализата утврдува присуство на пестициди над дозволената граница. Според наши сознанија неколку камиони со отровен зеленчук се влезени во Македонија и пуштени во промет. Ова се доказите, вели Трипуновски.

Трипуновски кажа дека овој зеленчук може да завршил на пазарите во Скопје, Тетово, Кавадарци, Гостивар, Штип, Велес, буквално низ целата територија на Република Македонија.

- Ваква операција на труење на сопствените граѓани, не може да се спроведе без знаење на Љупчо Николовски и Николче Бабовски. Бараме веднаш одговор и одговорност од директорот Николче Бабовски и министерот Љупчо Николовски. Оставки за овој скандал мора да има. Истовремено барам веднаш да се отвори истрага против Љупчо Николовски, како и за сите вмешани во процедурите за испитување при увоз на храна, кажа Трипуновски.