Весна Бејби: Нѐ оптеретивте, нѐ пукнавте со таа дневна политика!

По смртта на актерите од МНТ, Трајче Ѓорѓиев, Емилија Андреева, Катина Иванова и Владимир Ендровски – Љац, со своја искрена и длабоко емотивна порака се огласи актерката Весна Бејби Петрушевска.

- Многу малку размислуваме за вредностите кои се денес, тука, сега. Многу малку ги чуваме нашите уметници, не само актери, сликари, композитори, изведувачи, пејачи. Зборувам за сите оние кои што ви го правиме животот да ви биде повесел, подобар макар и на час и половина во една театарска претстава, филм… Сме изложени на критики и целиот живот ни е на тапет, но да знаете дека ние живееме за аплауз. Некако брзо ги забораваме луѓето и баш сум тажна. Нѐ оптеретивте, нѐ пукнавте со таа дневна политика. Ги заборавивме нашите деца, го заборавивме нашето образование, одењето во театар. Едно време тоа беше религија, култура на живеење. Сега тоа го нема. Вашите деца не одат во театар, не знаат каде е Театар за деца и младинци, не знаат да разликуваат кој е МНТ, кој е театар Комедија, Драмски театар. Тоа е пораз на сите нас. И да, живееме во тажно време, во тажна држава, без никакви вредности. Да ги поправиме некако, барем да ја вратиме насмевката на оние генерации кои ги оставаме после нас, вели Петрушевска.