Утре во Скопје започнува CINEDAYS

Утре, 07.07.2022, започнува 21. издание на меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS, под слоганот „Од високо подобро се гледа“. Ќе трае до 14 јули, а програмата на фестивалот ќе се одржи  на повеќе локации низ Скопје. Предвидено е CINEDAYS да има настани на покривот на ГТЦ, на покривот на Дом на градежници, Музеј на современа уметност, Авто киното на Водно, во МКЦ парк, во кино Милениум и Кинотека. 

Во овогодинешното издание предвидено е отворањето и затворањето на 21. Издание на CINEDAYS, да бидат во знак на македонските режисерски имиња. Па така, македонскиот долгометражен филм „Мими“ под режија на Даријан Пејовски својата светска премиера ќе ја има во четврток на отворање на фестивалот.

 За затворањето на овој фестивал е планиран филмот „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој што го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на Санденс.

Годинешната програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер, и во неа граѓаните ќе имаат прилика да видат светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), ретроспектива на Фатих Акин, како и Гала програмата на фестивалот во која доминираат филмови од годинешново издание на Канскиот фестивал.