Успешна сложена дентална операција – изведена транспозиција на нерв

Вчера, успешно заврши сложениот хируршки зафат – транспозиција на нерв на пациент од земјата.

Оваа комплексна техника ја изведе искусен хируршки тим под водство на професор Мазен Тамими од САД, роден во Јордан.

Интервенцијата се изведе во присуство и во приватната специјалистичка ординација на реномираниот орален хирург и имплантолог од овие простори – Дијана Бојковска. Пациентот е во стабилна состојба, се чувствува добро, но претстои период на целосно заздравување по извршување на операцијата поради прилично атрофираната долна вилица.

Видеоприказ од интервенцијата ќе биде емитуван во рамките на меѓународниот имплантолошки конгрес, кој почнува денес во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а ќе трае до 20 април. Напредната хируршка техника првпат ќе биде споделена со пошироката стручна јавност од земјата, но и од светот, бидејќи на конгресот ќе учествуваат врвни стоматолози, орални и максилофацијални хирурзи од четири континенти.

Дигитализација во стоматологијата и новите трендови во имплантологијата се дел од темите што ќе бидат во центарот на вниманието на овој конгрес. Конгресот предвидува теоретски, практичен дел и презентирање напредна хируршка техника во делот на имплантологијата.

Еминентни стоматолози специјалисти од Македонија исто така ќе земат активно учество на конгресот: д-р Митко Франгов, орален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Златко Вршковски, максилофацијален хирург и меѓународно лиценциран имплантолог, д-р Недим Касами, максилофацијален хирург и имплантолог, д-р Петар Вршковски, орален хирург и имплантолог, д-р Дијана Бојковска, орален хирург и имплантолог.

Во Македонија првпат стоматолозите учесници на конгресот ќе бидат дел од меѓународно акредитирана имплантолошка едукација и ќе добијат CME – европски кредит-поени.