Уште една комисија ќе бара како починатото бебе од Прилеп се заразило со ешерихија коли откога ДСЗИ не најде пропусти

Комисија за стручен надзор формирана од министерот за здравство, Фатмир Меџити, ќе анализира зошто починало бебето од Прилеп десет дена по раѓањето. Кај бебето битолската болница откри жолтица, а Детската клиника, каде што беше последните седум дена, при приемот во дишните патишта регистрира бактерија ешерихија коли.

Министерот Меџити денес извести дека ја формирал комисијата откога вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат извести дека не нашле пропусти во лекувањето, кои се во надлежност на Инспекторатот, и иницирале формирање стручна комисија.

„ДСЗИ има соопштение дека нема пропусти во лекувањето на детето и во прилепската болница и во Детската клиника. За жал, вакви случаи има и во светот. Нема пропусти во моментот, ние формиравме и стручна комисија од експерти од Детската клиника и тие ќе го испитаат случајот дали има некој пропуст, но тоа што го имаме досега од ДСЗИ е извештајот, кој кажува дека нема пропусти. За мене како министер и за сите здравствени работници, многу е тешко кога ќе изгубиме нечиј живот, а особено на новороденчињата и на малите деца“, рече министерот Меџити, кој денес во Клиниката за гинекологија и акушерство го одбележа денот на предвреме родените бебиња и се пофали со неколкукратно намалени бројки на смртноста кај предвреме родените.

Рената Димитриовска, неонатолог и началник на одделението за интензивна нега и терапија на Клиниката за гинекологија, објасни дека неонаталната смрт е сериозен проблем затоа што од смртноста на децата до петтата година, 50 отсто се должи на неонатална смрт. Од тие 50 отсто, најголемиот број бебиња починале во првата недела од раѓањето.

Бебето од Прилеп почина од сепса, а мајката обвини за негрижа и пропусти на лекарите.