УХМР алармира за засилен ветер кој ќе достигне до 60 км/час и снег за време на викендот

Натпросечни температури за овој период од годината, но и засилен ветер кој ќе достигне и до 60км/час е актуелното предупредување на Управата за хидрометеоролошки работи, за викендот тие најавуваат снег.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со повремени врнежи од дожд, особено во западните делови каде врнежите ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 км/час), информираат од УХМР.

Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 18 Целзиусови степени.

Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне 13 степени.

Според УХМР, во петок ќе настапи преодно стабилизирање, а промена на времето ќе има во сабота. Под влијание на влажен и студен бран ќе има врнежи кои ќе бидат претежно од снег. Врнежите наместа ќе бидат пообилни, особено во западните делови. На планините ќе се формира значителна снежна покривка (над 30 см), а во пониските места од 3 до 10 см. Ќе дува засилен северен ветер, особено вдолж Повардарието и температурите значително ќе опаднат.