„Турандот“ вечерва во Националната опера и балет

Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини вечер ќе биде изведена во Националната опера и балет. Диригент е Бисера Чадловска, а режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако. Кореографијата е на Саша Евтимова, а концерт мајстор – Јане Бакевски.

Настапува врвна домашна солистичка екипа: Весна Ѓиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Злата Тошевска, Владимир Саздовски, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Мирослав Антовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансмбл на Националната опера и балет.

„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано.

Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии.  „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оп ерската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).