Тројца министри имаат вработени роднини во М-НАВ

Тројца министри од оваа Влада имаат вработени роднини во Македонската навигација, М-НАВ објави “КОД“ на ТВ Телма. Сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски и снаата на вицепремиерот Атан Груби и други роднини на поранешни министри и пратеници се вработени во М-НАВ.

Министерот Османи изјавил дека неговата сестра таму работи 15 години, а министерот Николовски кажал дека неговиот внук е високостручен и професионален кадар и оти се школувал во Кина, Јапонија, дипломирал во Словенија, и дека е дел од кадарот кој Македонија требала да се бори да ги задржи. 

Во емисијата “КОД “ се објавија и интересни работи од случувањето на седницата на Владата каде се расправало за разрешување на директорите во М-НАВ.  Против менувањето на директорите биле министрите Османи и Бектеши. Тие му велеле на Ковачевски дека со менувањето на директорите, тоа ќе изгледа како попуштање на синдикатот на контролорите. Ковачевски им рекол дека тоа е состојба која бара итно решавање заради воздушниот сообраќај и меѓународните обврски на државата.