Тренчевска: Преку дијалог може да најдеме флексибилни решенија во корист на работниците

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, оствари средба со амбасадорот на Австрија, Георг Вуцас и претставници на текстилната компанија „Текспорт“. 

На средбата се разговараше за предизвиците со кои се соочува текстилната индустрија во исполнување на предвидениот план за работа, потребата од прекувремена работа поради недостиг од работници кои се квалификувани и заинтересирани да се вклучат во производствената дејност.

Како што соопшти МТСП, сопственичката на „Текспорт“ ја истакна потребата од нови вработувања во нејзината компанија со цел постигнување на побарувачката на готови производи во компанијата. Амбасадорот Вуцас, пак, се осврна на квалитетот и добрите услови, почитување на правата на работниците, како и соодветните плати кои вработените треба да ги добиваат.

Барањата од присутните, како што наведува МТСП во соопштението, беа во насока на изнаоѓање флексибилно решение кое го вклучува прашањето на прекувремена работа коешто може да се достигне само со дијалог и консензус од страна на сите засегнати страни.

– Законот за работни односи не е направен за еден туку за заштита на сите вработени. Само заедно можеме преку отворена дискусија да изнајдеме решение на предизвиците со кои се соочува компанијата, но во рамките на законот. На ваков начин ќе ја превенираме злоупотребата на истиот и ќе го задржиме почитувањето на правата на работниците - рече Тренчевска.

Таа истакна дека соработката со австриските компании, но и со сите странски инвеститори, е од особена важност, особено во овие мигови кога, како што рече, јасно ја детектираме потребата од работна сила и од вклучување на пазарот на труд на сите, посебно на лицата кои се активни приматели на Гарантирана минимална помош.